Првата македонска национална стриминг платформа, Глеј (Gley), на која ќе се гледаат актуелни македонски i регионални серии, европски и филмови од холивудската продукција и детска програма беше промовирана денеска.

Дел од богатата филмска програма на оваа платформа се сериите „Фамилија Марковски“, „На терапија“, „Преспав“, „Беса“, хрватската серија „Црнo бјели свет“, крими серијата „Тајкун“, „Клан“, филмовите „Трето полувреме“, „Џган“…

Македонските граѓани со Глеј добиваат лесен пристам до најдобрата домашна и регионална продукција, детска програма, европски и холивудски филмови и серии кои се комплетно локализирани на македонски и албански јазик. Со Глеј се прикличуваме кон светските трендови на развој на локални и регионални СВОД (Video on demand) платформи, изјави на денешната промоција на Глеј извршниот менаџер на СВОД Мастер, Дарко Перушевски.

Засега платформата ќе биде достапна за македонските граѓани, но набрзо ќе им биде достапна и на нашите иселеници во странство.

Платформата има родителска заштита за безбедно гледање детски програми.

Пристапот ќе биде овозможен преку паметни телевизори, мобилни телефони, лаптоп и десктоп компјутери.

Mожете да се претплатите и само на еден месец. Најниската претплата е 300 денари. Филмовите ќе бидат со македонски и албански превод, рече Перушевски.

Претплатата не е обврзувачка, нема подолгорочни договори, туку месечно и корисниците ќе можат да ја откажат платформата кога сакаат. За корисниците кои ќе се регистрираат до 31 ноември, промотивно им се нуди 30 дневен пробен период кој не се наплаќа.

Оваа платформа може да се гледа со три нивоа на месечна претплата: Basic претплата од 299 денаро месечно и ќе може да биде приклучен еден уред, Standard од 399 денари со два приклучени уреди истовремено и Family по цена од 499 денари со четири приклучени уреди истовремено.

Перушевски истакна дека гледачот на оваа платформа сам си бира од програмата што, кога, колку и каде ќе гледа – во дневна соба на телевизор, на мобилен уред, лаптоп итн.

Но, главната цел на „Глеј“ не е само на едно место да нуди филмови, серии и документарци, вели Перушески. Поголемата визија е платформата да биде еден вид амбасадор на македонската продукција.

Перушевски објаснува дека платформата има соработка со дел од македонските продукциски куќи за заеднички да работат на развој на домашната продукција.

Побаравме партнерство со македонски продукциски куќи кои немаа дигитален канал каде да ги пласираат своите производи. Добар дел од продукциите прифатија да се обединиме во поддршката на нашата продукција. Тоа е еден од нашите главни столбови – соработка и помош за понатамошен развој на македонската продукција. Веќе имаме разговори и со поголеми партнери, а идеја е да се вклучи и државата. ‘Глеј’ не е замислена како видеотека, туку како начин да се помогне македонската продукција, рече Перушески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.