Милијардерот и основач на корпорацијата „Амазон“, Џеф Безос, успешно полета и престојуваше во Вселената во првиот лет на неговата компанија „Блу ориџин“. Слетувањето по првиот нивен лет со човечки екипаж, минало без никакви проблеми.

Летот во Вселената траел 11 минути. Меѓу астронаутите беше и братот на Џеф, Марк Безос. Посадата ја сочинуваа и американската авијатичарска ветеранка Воли Фанк, која е во своето деветто десетлетие од животот, како и 18-годишниот Оливер Дајмен.

Леталото „Њу Шепард“ беше лансирано во 15:00 часот по македонско време, од космодромот „Лонч сајт уан“, во западен Тексас.

Пред само 10-нa дена, еден друг милијардер и соперник на Безос во трката за вселенскиот туризам – основачот на „Вирџин Галактик“, Британецот Ричард Бренсон го имаше своето успешно „огнено крштевање“ во Вселената. Сепак, целите на „Блу ориџин“ се поамбициозни – во однос на височината до која ќе се издигне леталото „Њу Шепард“ на Безос, но и во однос на идните планови.

Безос ја основа вселенската агенција во 2000 година, со цел еден ден да се изградат вселенски колонии со вештачка гравитација во коишто луѓе ќе работат и живеат. Компанијата денес работи и на орбиталната ракета „Њу Глен“ чија цел е слетување на Месечината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.