Британскиот национален центар за сајбер безбедност утврдил дека корисниците на своите интернет профили најчесто како лозинки ја користат низата броеви 123456, што воедно е и лозинка која е најлесно да се открие.

Дури и кога станува збор за профил од електронска пошта кој не се користи и не е важен, за напаѓачот може да биде злато вреден. Благодарение на информациите од тој профил, хакерите можат да ги откријат лозинките од останатите профили и да ги злоупотребат.

Целта на истражувањето кое го направил британскиот Национален центар за Сајбер безбедност била кревање на свеста и едукацијата на корисниците за што подобро да ги заштитат своите лични податоци.

Истражувачите ги анализирале сите компромитирани профили за да утврдат кои зборови, изрази и низи најчесто се повторуваат во лозинките.

На врвот на листата се нашла низата 123456, која е пронајдена во 23 милиони лозинки. На второ место е 123456789, која не е ништо потешко да се дешифрира. Во првите пет на листата се нашле и „qwerty”, првите шест типки на тастатурата, „password” и 111111.

Британците често ги користат и имињата на своите омилени фудбалски клубови, така што на првите две места се нашле Ливерпул и Челзи. Од музичарите на прво место се нашол поп-рок бендот „Blink-182″, а најчести имиња се Ешли, Мичел, Даниел, Џесика и Чарли.

Директорот на Националниот центар, Јан Леви, нагласува дека луѓето кои користат вообичаени фрази и познати зборови и имиња како лозинки се доведуваат себеси во опасност да бидат хакирани.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.