Во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ денеска од 18 часот ќе се изврши наречението за епископ на архимандрит Григориј, игуменот на Осоговскиот манастир, а утре на празникот посветен на архангел Гаврил, во Соборниот храм „Св. Николај Чудотворец“ во Куманово од 8:30 часот ќе биде отслужена Света Божествена литургија, на која ќе биде хиротонисан за епископ сарандопорски.
На наречението и на хиротонијата ќе присуствуваат архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и архијереите на МПЦ-ОА. Се очекуваат и бројни верници поради што од црквата апелираат на совесно придржување до сите пропишани мерки за здравствена заштита.
Синодот на МПЦ-ОА на 21 мај годинава го избра отец Григориј, игуменот на „Свети Јоаким Осоговски“, за епископ сарандополски. Тој ќе го наследи митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф, кој беше ослободен од митрополиската должност од здравствени причини.
Светиот архијерејски синод на истата седица го избра и игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ архимандрит Партениј за викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија со титула антаниски. Наречението за новиот епископ Партениј беше одржано на 11 јули во Бигорскиот манастир, а хиротонијата ден подоцна на празникот на светите апостоли Петар и Павле во храмот „Света Софија“ во Охрид.
Архимандрит д-р Григориј (Настески) е роден на 16 јануари 1978 година во Прилеп. Основното и средното образование го завршил во родниот град. Дипломирал на Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Битола на Факултетот за индустриски менаџмент во 2001 година и истата година се запишал на постдипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” на Институтот за политичко–правни истражувања во Скопје, каде што и магистрирал во 2003 година. Истата 2003 година пријавил докторат, каде што и докторирал на менаџмент во 2006 година.
Богословското образование го започнал на Богословскиот факултет, на Универзитетот „Св. Климент Охридски” ‒ во Софија, Р Бугарија, во 2004 година, на Катедрата за систематско богословие. По завршувањето на постдипломските студии, пријавил втор докторат во 2008 година, а докторирал во 2012 година со одбраната на темата: „Христолошки и сотириолошки аспекти во евхаристиската реинтеграција на личноста”.
Монашкиот подвиг го започнал во Струмичката епархија на Македонската православна црква во 2003 година, кога ставил метанија за искушеник во манастирот на свети Леонтиј во Водоча. Во истиот манастир произведен е за ипоѓакон во 2004 година, каде што е и замонашен на 27 ноември 2005 година. Во јероѓаконски чин е ракоположен на 14 јануари 2006 година. На 10 февруари 2006 година, ракоположен е за јеромонах. На 7 август 2015 година е произведен за игумен на манастирот на свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка. Во 2016 година САС на МПЦ го избира за архимандрит.
Автор е на делото „Автокефалноста на Македонската православна црква” и на книгата „Благобитие – Христолошко устројство на човечката личност“, која всушност е и неговиот втор докторат од областа на теологијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.