Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа утрешниот празник, во народот познат под името Иванден, всушност, денот на раѓањето на свети Јован Крстител.

Се смета дека Иванден е толку голем празник што Сонцето на тој ден застанува три пати. Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…

Водата добива посебна моќ, па сите се капат во реките, потоците и езерата, билките и тревите имаат засилени лековити дејства и затоа се берат и се плетат венци од нив како лек против болести.

Овој голем празник познат е по ивано-цвеќе од кое се плетат венчињата. Верувањето вели дека воочи Иванден треба да се набере јовановата трева и во неа да се вплете ајдучка трева, мајчина душица, вртика и лук, а сето тоа да се врзе со црвен конец. Наместо црвен конец некои вплетуваат црвено цвеќе, од кое се е поубаво. Со плетењето на венците се сака да се каже дека природата во својот развој дошла до највисоката точка (средина на летото) и дека со тоа природата се овенчува. Тие венци воедно ги потсетуваат младите да размислуваат за свадбени венци. Девојките во венецот ставаат црвена роза.

Венчето се закачува на влезната врата вечерта пред Иванден за да ве чува од се лошо. Ако венец од иванското цвеќе осамне на празникот пред куќата, се верува дека семејството ќе го заштити од сите тешкотии.

Забележано е верување дека низ венците од сплетена јованова трева, на Иванден се провлекувале жените кои немале пород. Се капеле во вода во река за таа да ги однесе уроците, болеста и злите намери. Ако жената неколку пати неуспешно забременила на овој ден посетувала лица со име Станка или Стана, ако тие биле повеќе одела во секоја куќа, земале снопчиња трева од венецот и правеле свој венец. Со него на глава се капеле во реката и верувале дека ќе им успее следната бременост.

Не се работи во лозјата ништо, се верува дека седум дена лозјата најмногу напредуваат бидејќи ги чува Свети Јован.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.