По повод 10 Јуни – Денот на воздухопловниот ВИНГ, за утре од 12:00 до 13:00 часот е планирано надлетување над Скопје со група на воздухоплови.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, групата ќе биде формирана од девет воздухоплови и е планирано да лета во формација 3-2-2-2 и тоа: три хеликоптери Ми-17 – водител на група, два хеликоптера Ми-24, два хеликоптери Bell-206 и два авиони ZLIN-242L.
Се надеваме дека граѓаните на Град Скопје ќе уживаат во прелетот на воздухопловите на Армијата. Воедно, од името на сите припадници на Воздухопловниот ВИНГ, во време на светската пандемија од КОВИД-19, на граѓаните им посакуваме да останат во добро здравје и ведар дух, да ги почитуваат препораките за заштита, а на сите заболени им посакуваме поскоро оздравување и закрепнување, стои во писмената изјава на мајор Сашо Павловски.
Како што соопшти Министерството за одбрана, на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на воздухопловниот ВИНГ утре ќе се обрати вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска.
Доколку временските услови овозможат, во рамките на свеченоста е предвидено демонстрација на летање од страна на авијацијата на нашата Армија, како и прелет на авионите Ф-16 кои го изведуваат редовното воздушно патролирање на НАТО над нашата територија кое започна со нашето полноправно членство, а кое согласно техничкиот аранжман го реализира военото воздухопловство на Република Грција, информираат од Министерството за одбрана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.