Утре е Петровден — православен празник што се одбележува секоја година на 12 јули. Празникот е посветен на Апостол Петар. Сe смета за еден од најголемите празници по Велигден. Со овој голем православен празник завршуваат петровденските пости и за него се врзуваат многу обичаи и верувања.

Едно од нив е дека најстариот во домот вечерва треба да набере по еден цвет за секој во куќата. Така набрани ги става во земја, каде никој не ги гледа и фаќа. Утредента рано, кога никој не го гледа, оди да ги види цветовите. На кој од домашните цветот му стои право, ќе биде здрав, на кој му е овенат цветот, ќе биде болежлив, а на тој што му овенал цветот, ќе почине.

На овој празник не се иде во поле и не се почнуваат тешки земјоделски работи, а посебно не се впрегнуваат коњи во кола.

Постои верување дека на овој ден свети Петар дели јаболки на децата на оној свет. Од таа причина се развиле повеќе обичаи, меѓу кои и оној дека во година пред Петровден не треба да се јадат јаболки.

Верувајќи во ова, во минатото многу мајки кои изгубиле деца се воздржувале од јадење јаболки пред Петровден, од страв дека на овој празник нивното дете на оној свет нема да добие јаболко.

Во некои места обичај е пред големиот празник да се палат врзопи направени од млада кора на дива цреша или бреза. Обично тоа се прави на место каде се собира народ, на плоштади, раскрсници и во тоа учестуваат деца и млади.

Палењето огнови ги симболизира оние времиња кога христоборните цареви ги прогонувале и мачеле христијаните врзувајќи ги за дрвени столбови, по што ги полевале со смола и ги палеле.

Порано стоката се прскала со вода за да биде здрава цела година, а се плетеле и венци и им се ставале на роговите на животните.

На овој ден не смеат да се сечат јаболки со нож, ниту да се удираат јаболки една од друга. Се верувало дека во спротивно ќе падне силен град. Некои им носат јаболки наутро на соседите, а некои во мугри ги разнесуваат за покојните.

Обичај е да се меси колач со јаболки.

Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува.

На овој ден според некои верувања може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некои го држат празник само до пладне, а попладне работат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.