На патниот правец Прилеп – Кавадарци после планинскиот превој Плетвар од селото Беловодица до селото Тројаци во должина од четири километри сообраќајот се одвива со повремени прекини поради силен ветер и поголеми наноси од снег на коловозот, соопшти Автомото сојузот.
Екипите на ЈП Македонијапат, како што информираат, работат на расчистување на коловозот и нормализирање на сообраќајот.
Сообраќајот за тешките товарни возила на патниот правец Кавадарци – Прилеп преку планинскиот превој Плетвар од 11 часот се одвива со пропуштање на тешките товарни возила со пауза од 10 до 15 минути. За останатите видови на возила сообраќајот се одвива нормално во зимски услови. На патниот правец Прилеп – Кавадарци преку планинскиот превој Плетвар задолжителна е употреба на зимска опрема за тешките товарни возила, додека за останатите видови на возила сообраќајот се одвива нормално во зимски услови.
Од ЈП Македонијапат информираат дека од 18 часот на патниот правец Делчево – ГП Делчево се укинува задолжителната употреба на зимска опрема за тешките товарни возила.
Сообраќајот на патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег. Врнежи од слаб снег се бележат во Делчево, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Потсетуваат дека од 15 ноември почна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, што ќе трае до 15 март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.