За време на овој викенд под влијание на стабилна, сува и релативно топла воздушна маса од југ ќе имаме сончево време со мала до умерена облачност, наутро и во претпладневните часови по одделни котлини ќе има услови за појава на магла и на ниска облачност додека максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 13 степени.
Уште потопло ќе биде во понеделник кога максимумот на температурите ќе се искачува во интервалот од 9 до 16 степени а ќе дува и засилен ветер од јужен и од југозападен правец што ќе биде најава за нагла промена на времето во понеделник навечер и во текот на ноќта кон вторник,односно во понеделник кон крајот на денот и навечер од запад ќе започнат врнежи од дожд кој во текот на ноќта кон вторник ќе се прошират на повеќе места, на планините ќе врне снег.
Поради продор на студен воздух од север во текот на ноќта кон вторник ќе започне да дува северен ветер кој ќе засилува а температурите ќе бележат тенденција на нагло и значително опаѓање па така во вторник врнежите од дожд освен на повисоките, ќе преминат во снег и на некои од пониските места но ќе бидат од локален карактер, послаби локални врнежи од снег се очекуваат и во среда а ќе продолжи да дува засилен ветер од северен правец.
Температурите на воздухот ќе опаднат дури за околу 10 степени па така веќе во среда максимумот на истите ќе се искачува во интервалот од -4 до 5 а во текот на утринските часови понекаде температурите ќе се спуштат и под -10 степени додека особено на повисоките и планинските места ќе дојде до формирање но и зголемување на снежната покривка.
Ваквата промена на времето многу лошо ќе влијае врз поголем дел од граѓаните, особено врз метеопатите каде е можна појава на главоболка како и болки во коските и на местата од старите рани, повремена нервоза како и несоница и тежина во главата и телото.
Подготви: Славчо Попоски.
Извор: 1ТВ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.