Вечeрва во 20.30 часот, во рамките на акцијата Часот на планетата Земја во мрак ќе потонат над 7.000 градови во повеќе од 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија која во акцијата се вклучува по 12-ти пат.

Со едночасовно исклучување на осветлувањето во мрак ќе потонат повеќе локации во Скопје и Охрид, меѓу кои и претседателската вила Водно, Владата, плоштадот Македонија, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта Македонија, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, а во Охрид ќе се изгаснат светлата на Самоиловата тврдина, кејот Македонија и црквите Света Софија, Плаошник и Канео.

Учество во акцијата најавија и Црвениот крст, Сојузот на извидници, хотелите Мериот и Хилтон, трговскиот центар Капитол мол, салоните и управната зграда на А1 Македонија, цементарницата Усје и многу други.

Повикот за акција важи и за граѓаните, па се повикуваат масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со ковид-19, оваа година преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

И оваа година акцијата ќе биде одбележана виртуелно, со одржување на првата дигитална климатска конференција во Македонија, под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“.

На двочасовната конференција која ќе се емитува во живо вечер во 19.30 на фејсбук профилот на Часот на планетата Земја премиерно ќе бидат претставени климатските акции на Македонците преку презентацијата „Кон зелена иднина со амбициозни климатски акции“ на Павлина Здравева, координатор за климатски промени во канцеларијата на УНДП во Македонија. Дополнително, преку три дебати во кои ќе учествуваат претставници од локалната власт, претставници од Собранието, бизнис секторот и невладините организации, ќе бидат дискутирани теми поврзани со забрзаното уништување на природата и начините како да го промениме нашето живеење за да ја осигураме иднината на планетата Земја.

Освен официјалниот дел, во текот на конференцијата ќе биде презентирано и моќно вирално видео преку кое Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) ќе се обидат да испратат порака на надеж, како што успеавме да се прилагодиме да живееме и дејствуваме против пандемијата, на сличен начин да се обидеме да дејствуваме против уништувањето на природата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.