Денеска православните верници го празнуваат Свети Наум Охридски – Чудотворец.

(Именден празнуваат: Наум, Наумче, Науме, Наумка…)

Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.

За животот и дејноста на свети Наум Охридски малку се знае, иако со свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим, кон крајот на 867 или почетокот на 868, бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското Езеро изградил манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.

Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.
Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па сè до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

Во споменот на народот св. Наум останал како чудотворец. И во „Пастирската посланица на охридскиот патријарх г.г. Јоасаф за префрлувањето на празникот на свети Наум од 23 декември на 20 јуни (с.с.)“ се истакнува: „во светите прочуениот и во чудата безмерниот, божествениот и свет отец Наум“. На друго место во истата Посланица се вели: „Затоа секој, што поседува срдечна и добронамерна побожност кон светителот нека дојде на изворите на чудесата на светиот гроб, каде што лежат светите мошти, во неговиот свет храм, на источникот што блика исцелувања ‒ да прими благодет и светост на телото и душата, зашто чудата и благодетите на светиот и богоносен отец наш Наум ‒ чудотворец, толку се многубројни та ги надминуваат и множеството ѕвезди…“ И во „Охридскиот митрополитски кодекс“ во делот „Историски спомени за св. Климент и препод. Наум“ се споменуваат „свети и пречесни мошти, нетлено богатство и извор на исцелувања на сите кои со вера и благочестивост одат на неговиот чудотворен гроб“.

Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓале и луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и Албанија. И во писмото што попот Сотир од Љубаништа го носел во областите Подунавје и Романија каде што собирал помош за манастирот се вели: „Притоа знајте господо дека овој свет и на народот корисен манастир, спрема кој Вие го негувате Вашето почитување и верност, па дури и самите неверници достојно го почитуваат и сакаат, како што на сите Ви е познато, уверени во благонаклоноста на оваа надеж…“ Кога се вели неверници се мисли на припаднците на други вери, пред сè, на муслиманите.

Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба“ што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание, еднаш кога дошле на гробот на свети Наум, неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е свети Наум“, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко“.
Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите (муслиманска секта). Тие кога ќе дојделе во манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале наназад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.

Манастирот најповеќе се афирмирал како лечилиште со исцелување болни од многу болести, посебно од душевни болести. За тоа придонесло верувањето во исцелителната моќ на светите мошти на светителот. Има поголем број преданија што раскажуваат за лечење душевно болни од страна на светителот. Познато е и тоа дека во манастирот долго време постоела и душевна болница.

Во Летописот на манастирот Свети Наум се вели дека водата од изворот „Свети Атанасија“, служела за лекување на болни. „Со миење на водата од овој извор се лекувале луѓето што страдале од очни болести. Летописецот забележува дека многумина нашле спас од овој извор“. За исцелителните својства на манастирот, секако, придонесле и повеќето извори со свети води околу манастирот, што, исто така, се под влијание на светителот. Покрај споменатиот извор „Свети Атанасиј“ такви се уште и изворот од карпата непосредно до брегот на езерото, потоа изворот Најазмо, од другата страна на границата со Албанија, изворот посветен на Света Петка, итн.

Со заветувања за одредени лични или семејни неприлики, болести, сиромаштија и сл. или по нивното надминување на манастирот му биле подарувани најразлични дарови. Според книгите за впечатоци, но и според записите на свештеникот Гаврило Адамовиќ, секретар на Црковниот суд во Битола направени на денот на празникот 20 јуни/3 јули 1936 и 1937 година се нагласува дека некој бил болен и дека по молбите кон светецот оздравел поради што приложил дар на манастирот. „Бил многу болен. Се молел на свети Наум и оздравел. Приложил јагне.“ Приложуваат уште овен, теле, крава, јуница, икона со ликот на св. Наум, но и „пари и стока“, некои служат во манастирот извесен период итн. Тие што бараат помош болни се од туберколоза, болест на очите, падавица, „не можел да оди“, најчесто болеста не се споменува, некогаш се истакнува дека тешко болен по барањето помош од св. Наум оздравел за 24 часа, некогаш се нагласува дека и лекарите кренале раце од болниот, некогаш децата умираат, некогаш се молат тие што немаат деца, некои се молат поради помор на стоката, некој приложува дар поради тоа што купил куќа, дар приложува и некој што секогаш кога е во неволја се моли на св. Наум и тој секогаш му помага итн. Се молеле и тие што западнале во долгови. Тие што се молат најчесто се христијани, но и муслимани од Ресен, Охрид, Белград, Струга, Корча, Поградец во Албанија и др.

Во книгата за впечатоци посетителите во своите записи уште истакнуваат дека доаѓаат за здравје на поединецот или на целата фамилија, дека за здравје носат поклон (јагне и сл.), дека доаѓаат по јавување на светецот во сон, дека на гробот слушнале „некакво чукање“ итн. итн.

Во житијата, Службата како и во Молитва кон св. Наум се среќаваат податоци за чудата на св. Наум коишто се среќаваат и во народните преданија. На пр., во Првото словенско житие, коешто според некои показатели е пишувано од лице што лично го познавало светителот, зашто на едно место вели „оти јас знам дека повеќе од ова сториле отците и сториле многу чуда, но ова е сè што ни раскажале, а другото го сокрија од своја скромност“. Значи, нивни современик зборува за чуда случени уште додека светителите биле живи. Оттука можеме да заклучиме дека уште живи тие се прославиле со мног чуда. И во Второто словенско житие се споменува овој аспект од животот на светителот. „Бог, пак, го прослави него со големи чуда, и секакви болести и рани исцелува и бесови изгонува“. Во „Молитвата кон свети Наум Охридски исцелител на болни“ молејќи се за здравје на болниот верниците му ја напомнуваат на светителот неговата Божја дарба да лекува болни: „Сега уште ти се молиме и за слугата божји (се кажува името), кој страда од слабост и тешка болест. Ако е врзан поради свој грев, или грев на неговите родители, или грев на роднините свои, и ако поради грев го снајде оваа болест, Ти посредувај, о ангелоподобен светителе, пред престолот на Господа Кој Те прославил да му го прости гревот и од болеста да го исцели“. И во Службата за св. Наум се нагласуваат исцелувањата од моштите на светителот: „Купот на твоите мошти, прочуен Науме, извира исцеленија“, се вели на едно место, а на друго: „Му пееме на Бога, што ни даде лечилиште на душите и на телата, Наума последниот дар од Бога Седржител“.

Но споменот на свети Наум најповеќе останал во народните преданија и легенди. Во овие прозни народни умотворби народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Така „ликот на св. Наум е еден од најзастапените ликови во македонските народни преданија и легенди“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.