Новогодишната еуфорија помалку или повеќе се чувствува кај секој од нас. Предновогодишните и новогодишните прослави се во полн ек. Кафеаните и кафулињата се полни, а раздвиженоста се чувствува и на плоштадите и во трговските центри. Тротоарите се преполни со пешаци, а гужвата во сообраќајот е составен дел од празничната атмосфера.
Сите сакаат да ги поминат најубавите празници во годината, Нова Година и Божиќ, во позитивна атмосфера, со добра забава, во добро расположение и во друштво на најблиските, најсаканите и најдрагите. Онака како што доликува за Нова Година.
Но, за да останете весели и среќни и во добро расположение и во 2019 година, треба да го задржите разумот и свеста во овие весели и празнични денови.
Добро познат факт е дека најмногу консумиран, а веројатно неизбежен и „одговорен“ за добра забава на секоја прослава е алкохолот. Некои велат, без алкохол, нема добра забава. Некои велат, консумирај одговорно и помалку и не е страшно, иако, најголем дел од граѓаните, многу добро ги знаат штетните последици од консумирањето алкохол. А за ризикот и за опасноста од возење во пијана состојба, нема кој не знае. И покрај тоа, пијаните возачи сѐ уште се присутни на патиштата и претставуваат сериозна закана за самите себе, но и за останатите учесници во сообраќајот.
За добри и весели празници, за среќна и весела 2019 година – не управувај моторно возило под дејство на алкохол! Изборот е едноставен: доколку консумираш алкохол – не возиш, доколку возиш – не консумираш алкохол. Да, тоа е толку едноставно, а во суштина, спасува живот. Изборот е твој, а од твојот избор, зависи дали ќе ги поминеш празниците во добро расположение, ќе добиеш казна од полицијата и одземање на возачката дозвола, или пак ќе завршиш во болница или најстрашното – новогодишната ноќ за некого ќе заврши фатално.
Колку и да звучи неубаво, на некого можеби и делумно ќе му се расипе празничното расположение, сепак таа е вистината, таа е реалноста и секогаш треба да бидете свесни за сериозноста од последиците и за ризикот на кој се изложувате доколку возите под дејство на алкохол.
Ако немате некоја голема или неодложна потреба, најдобро е да го оставите возилото и да побарате друга форма на транспорт. Студеното време, ниските температури, замрзнатите и влажни коловози и маглата на патиштата, можат да ви направат проблеми. Затоа, најдобро е да користите такси или друг јавен превоз.
И не заборавајте: не му дозволувајте на пијан возач да вози и да ве вози! Не го доверувајте вашиот живот и вашето здравје, како и животот и здравјето на вашите најмили, на вашите најблиски, на човек под дејство на алкохол!
Затоа, без изговори. Бидете внимателни и одговорни зад воланот за време на новогодишните празници. Фактот дека е период на празници, време на веселби, прослави, и забави, не ви дава право да управувате моторно возило под дејство на алкохол. Напротив, ова е период во кој возачите треба да ја покажаат на дело својата свесност и совесност, апелира РСБСП.
На сите учесници во сообраќајот, РСБСП им посакува среќна Нова Година, со желба за добро здравје и многу успех на секое поле, воедно повикува на разумно и одговорно учество во сообраќајот.
Секој километар во 2019 година, нека ви биде безбеден и исполнет со љубов!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.