Православните христијани денеска го одбележуваат Велики петок, денот на најстрогиот пост, кој освен Велипеток се вика и Распет петок зашто на овој ден е распнат Исус Христос.
Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус.
Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.
На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и “„Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.
Во Радовишко Велики Петок според записите на Зорка Делиниколова го сметаат за еден од најтешките петоци преку годината, ден кога според религијата Исус Хрисос бил распнат на крст. Затоа жените избегнуваат секаква работа. Тој ден дури не се готви ништо друго освен бел боп заради тоа што околу него не треба да се работи многу. Се верува дека истиот ден не треба ни да се јаде, а камоли да се готват било какви јадења. Многу стари жени тој ден не јадат ништо освен нафората што ја земаат во црква.
Уште изутрина рано се оди на црква со китки и дарови за Христа. Дарови носи секоја жена што се таксала, а тоа може да биде платнена кошула, чорапи, крпа за лице, коприна, памучна преѓа и сл. Даровите ги остават на „распјатието Христово“ и цвеќињата на плаштеникот – оплакувањето Христово. Постарите жени остануваат во црквата преку целиот ден, а помладите жени со деца доаѓаат поручекот за да се спровираат под плаштеникот за здравје. Секој што доаѓа со себе носи цвеќе го остава своето и зема друго цвеќе. Тоа цвеќе го чуваат во ковчег за здравје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.