Возачите од Пехчево добија сопствени регистарски таблички. Сите новорегистрирани автомобили, наместо досегашната ознака „БЕ“ отсега ќе имаат сопствената ознака „ПЕ“ испишана на латиница (PE).
Градоначалникот Драган Тренчовски изјави дека му е чест и задоволство што со граѓаните ја споделува информацијата дека е целосно завршена процедурата за добивање сопствени регистарски таблички на Општина Пехчево.
Одлуката е донесена согласно со правилникот за регистрациски и нивни ознаки и е објавена во Службен весник. Тоа значи дека ознаката ПЕ (PE) отсега ќе биде единствената при регистрирање на возилата на граѓаните кои потекнуваат од пехчевскиот регион, рече Тренчовски.
Граѓаните изразија задоволство од одлуката со која Пехчево како една од најмалите општини добива свое обележје во автомобилската регистрација и дека ќе ги препознаваат како жители на Пехчево, а не на Берово.
За добивање регистарски таблички со новата ознака, на која го пишува и кодот НМК, Општината ги упати граѓаните во пехчевската полиција, каде детално ќе им биде образложена процедурата.
Пехчево е последната општина од Пијанечко-малешевскиот регион која досега немаше сопствена регистарска ознака. Претходно, нови регистерски табли со ознаката МК добија жителите на општина Македонска Каменица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.