Од летово почнува и практичната примена на заедничкото царинење меѓу Македонија и Србија. Договорот е потпишан меѓу двете земји, а ќе го олесни и поминувањето на патниците, но и на транспортерите. Треба да стартува од први следниот месец.
Концептот на заеднички гранични контроли и гранични контроли со едно застанување (One-stop shop) значи поедноставени постапки, што се спроведуваат на еден заеднички граничен премин, при минимален број застанувања, по можност единствено застанување, преку кој контролата на патниците, стоката и нивните превозни средства се врши само еднаш на едно место. Со примена на концептот на заедничка контрола се постигнува поголема усогласеност и се олеснува преминувањето на патниците, стоките и превозните средства во патничкиот сообраќај, како и предметите што патниците ги носат со себе.
За патниците и транспортерите кои од Србија ќе се движат кон Македонија граничната служба на Србија ќе спроведе излезна контрола на територијата на Македонија на граничниот премин Табановце, додека контролата за оние кои патуваат од Македонија кон Србија излезната контрола македонските гранични служби ќе ја спроведат на територијата на Србија, на граничниот премин Прешево.
Во граничните контроли претежно се вклучени органите што се одговорни за контрола на движењето на лица, стока и превозните средства, како и спроведување на царинските формалности со цел да се применат важечките прописи. Повремено, по потреба, се вклучуваат и други надлежни органи за спроведување други законски прописи од интерес и важност за државата и граѓаните, како што се во областа на јавното здравје. Според надлежните во примената на овој концепт од исклучително значење претставува користењето на еден заеднички објект на граничниот премин каде што се вршат граничните формалности.
Заедничкото царинење ќе овозможи повисок степен на хармонизација на граничните контроли и унапредена примена на концептот на интегрирано гранично управување, ќе се намали можноста за царински измами, поради непосредниот увид во комерцијалните документи што ја следат стоката, ќе се воведе контрола и вршење на граничните формалности од страна на сите надлежни органи за нивно спроведување, на две соседни држави, при единствено запирање, ќе се забрза протокот на патници, стока и превозни средства на граничните премини каде што ваквиот концепт е воведен и ќе се изврши заштеда на ресурси потребни за реализација на концептот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.