Поради зголемената опасност од појава на пожари на отворен простор, воведена е забрана за движење во шума и на шумско земјиште од 6 до 20 часот. Забраната почна да важи од утрово и ќе трае сè до нејзино отповикување.

Оваа забрана не важи за вработените во ЈП „Национални шуми“ и за субјектите што вршат шумско-културни активности на површините со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“, како и за лицата што имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“.

За непочитување на оваа забрана на физички лица затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, во согласност со член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известуваат сите граѓани дека се забранува палење стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште како превентивна мерка за заштита од појава на пожари на отворен простор.

За непочитување на одредбите од Законот за ловството се предвидува глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице во согласност со член 79 од Законот за ловството.

Забраната ја спроведуваат вработените од ЈП „Национални шуми“, кои вршат дејност заштита, Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.