По значителното влошување на временските услови во последните неколку денови во земјава и појавите на дожд, магла и снег кои се очекува да се интензивираат во наредниот период Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, одговорни и подготвени за безбедно управување на возилото при ниски температури и зимски услови на патиштата.

РСБСП посочува дека ошто познат факт е дека временските услови влијаат на безбедното одвивање на патниот сообраќај и токму затоа потсетува на обврската за поседување зимска опрема во возилата која започна на 15 ноември минатата година и трае до 15 март оваа година.

Оние возачи кои се уште не обезбедиле зимска опрема (синџири за снег или зимски гуми), потребно е веднаш да го сторат тоа, бидејки покрај санкциите предвидени со ЗБСП и можноста полицискиот службеник да ги отстрани од сообраќај, со не обезбедувањето на зимската опрема ја загрозуваат сопствената безбедност, но и безбедноста на сите други учесници во сообраќајот – посочуваат од РСБСП.

Воедно, се препорачува намалување на брзината и прилагодување според условите на патот поради појава на голомразица и влажни и лизгави коловози во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, која е очекувана, особено во раните утрински или доцните вечерни часови.

Меѓу препораките се и држење безбедно растојание и внимавање на однесувањето на другите учесници во сообраќајот, предвидливост, односно постапките во сообраќајот да бидат најавени, очекувани и предвидливи со редовно користете трепкачи и избегнување нагли дејствија, како нагло свртување, нагло запирање, забавување или забрзување на возилото и внимателно возење во услови на магла.

Секогаш кога се движите низ магла, прво намалете ја брзината и вклучете ги соборените светла и светлата за магла (доколку поседувате). Почитувајте ги ограничувањата на брзината и не престигнувајте се до моментот кога вашето видно поле не стане чисто и прегледно, а вашето престигнување безбедно – наведуваат од РСБСП.

На возачите им се препорачува и да внимаваат на одрони на патот, наноси на земја, песок, камења итн. кои во овој период од годината е карактеристична појава што може да биде многу опасна за сообраќајот, како и потребата од редовна техичка проверка на возилото.

Возете внимателно и намалете ја брзината, особено ако возите во услови на дожд, во планински предели или во други непознати области каде што не ги знаете доволно карактеристиките на патот и патната околина. Направете техничка проверка на возилото. При зимски услови на патот, посебно важно е да управувате технички исправно возило. Искуствата покажуваат дека при ниски температури и влажни и лизгави коловози на површина излегуваат сите неисправности на возилото. За ваша безбедност, за безбедно и непречено пристигнување на посакуваната дестинација, направете редовна зимска проверка на возилото, со посебен акцент на проверка на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката, … – наведуваат од РСБСП.

РСБСП уште еднаш потсетува дека безбедноста во сообраќајот зависи од сите нас поединечно. Доколку сите бидеме внимателни и одговорни во сообраќајот, доколку сите ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди значително ќе се намали, порачуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.