Врнежите во Струмичко и Радовишко предизвикаа истекување на реката Струмица во атарот на селото Турново, а во Радовишко има оштетување на улици и наноси од земја, а во неколку населени места во оштетени се пристапите до станбени објекти.

Според информациите од градоначалникот на општина Босилово, Зоран Зимбаков, поплавени се над дваесет хектари обработливо земјиште кај селото Турново.

 Поплавите се предизвикани од излевањето на реката Струмица, која не можеше да го прифати силниот воден бран од Радовишко. Надојдените води на повеќе места го пробија заштитниот трап и поплавија дел од земјоделските површини кај населеното место Турново во општина Босилово, а екипи од ЈПКД „Огражден“ веднаш излегоа на терен, информираше градоначалникот Зимбаков.

Во Радовиш оштетена е дел од улица „Шаин Маале“, а наносен материјал има на улица „Плачковица“ на потегот од улица „Плачковички одреди“ кон улица „4 јули“. Во населените места Воиславци, Сулдурци, Калугерица и Јаргулица од поројните води оштетени се пристапите до станбени објекти.

Градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, заедно со стручните служби изврши увид на подрачјето кое беше зафатено од невремето.

Направен е записник за настаната штета и информирани се Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи така што во наредните денови ќе се работи на санирање на штетите, информираше градоначалникот Конзулов.

 

Според Лазо Ѓоргиев, директор на АД Водостопанство на Македонија-Подружница „Струмичко Поле“-Струмица нивото на реката Струмица кај селото Владевци во споредба со вчера е намалена за скоро еден метар и со тоа е намален притисокот од излевање од речното корито.

На местото каде се излеа реката Струмица кај селото Турново и се поплавени земјоделски површини интервенирано е со четири машини и направен е испуст за истекување на водата, по што во голем дел водата е истечена. Покрај тоа, исчистено е речното корито на реката Струмица на потегот од мостот кај селото Зубово кон Ново Село со што е спречено уште едно поплавување, информира директорот Ѓоргиев.

Апелира до граѓаните да не фрлат градежен шут отпад во речните корита, бидејќи со тоа се создаваат брани во течението кои предизвикуваат истекување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.