Оваа зима се очекува да биде со натпросечни температури и количини на врнежи во однос на многугодишниот просек 1981-2010 година, покажува сезонската прогноза на УХМР изработена врз основа на анализите на Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF), Виртуелниот центар за климатски промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), како и други светски прогностички центри.

Очекуваните влијанија од позитивните отстапувања на температурата на површината на морињата во последните неколку месеци укажуваат и на пораст на температурите на воздухот, како на поголемиот дел од Европскиот континент, така и на температурите на воздухот во Македонија.

Температурите на воздухот во земјава за период декември 2021 – јануари 2022 – февруари 2022 имаат поголема веројатност да бидат натпросечни, со позитивно отстапување од околу 2°Ц од многугодишниот просек. Отстапувањето се очекува да биде поизразено во источниот регион на  Македонија.

Се очекува просечно врнежлива зима, со мала веројатност за позитивно отстапување во Источниот Регион на  Македонија и мало потпросечно отстапување во западниот дел.

Просечната температура за зимата (декември-јануари-февруари) за период 1981-2010 година се движи од -1,5 °Ц измерена на метеоролошката станица во Маврово, до 5,0 °Ц измерена во Гевгелија, а просечните зимски суми на врнежи се од 90 мм измерени на МС Штип до 319,4 мм измерени на метеоролошката станица во Лазарополе.

Просечната температура на воздухот измерена на метеоролошката станица во Скопје изнесува 2,0 °Ц, а просечната количина на врнежи 110 мм.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.