Британските метеоролози најавија пристигнување на ледена снежна бура „Дарси“, која викендов ќе го погоди југоистокот на Англија со снег и до 30 сантиметри и леден воздушен бран од Русија.

Во некои делови од северот на Шкотска се очекува сообраќаен хаос и температури до -10 степени Целзиусови, пренесува лондонски „Сан“.

Издадено е жолто метео предупредување за очекувани снежни врнежи низ цела Велика Британија и портокалово метео предупредување за делови од централна Шкотска.

Метеорологот, Сара Кент, изјави дека во некои делови на Кент може да се очекува снежна покривка и до 30 сантиметри. Останува прашањето дали снежната бура ќе дојде и кај нас со сличен интензитет.

Како што најавуваат метеоролозите кај нас од денес до четврток нашата територија ќе биде под влијание на серија влажни воздушни бранови кои ќе условуваат променливо време со повремени врнежи од дожд. Поинтензивни врнежи ќе има во западните предели каде локално ќе наврнат над 25 л/м2 воден талог. Локално ќе има услови и за појава на грмежи а ќе дува и умерен до засилен, повремено на некои места и силен ветер од јужен и од југозападен правец. Услови за врнежи од снег ќе има само на највисоките планини на запад. Температурите ќе се искачуваат во интервалот од 11 до 18 степени.

Во Скопје и околината времето ќе биде променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува и умерен до засилен ветер од јужен правец. Максималната дневна температура на воздухот ќе се искачува во интервалот од 13 до 16 степени.

Потоа од четврток навечер и во текот на ноќта кон петок се очекува нагло и големо заладување на времето проследено со засилен ветер од северен правец и локални врнежи кој од дожд ќе преминуваат во снег.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.