Македонски граѓани секојдневно се враќаат од граничните премин Ново село и Делчево кон Бугарија. Бугарските гранични служби никако не дозволуваат Македонци да влезат на нивна територија и со обезбеден негативен ПЦР тест кој е нужен за влезот, пишува Фактор.

Тие ги враќаат граѓаните назад, да одат кон граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево затоа само тој премин моментно функционира за влез кон Бугарија. Забраната за влез во Бугарија на другите два премини беше соопштена во февруари годинава, но одлуките за рестрикциите и условите за влез често се ревидираат од страна на сите држави од соседството, па граѓаните не секогаш знаат точно. За празниците кои поминаа и слободните четири дена повеќе наши сограѓани заминаа некаде, а засилен беше интересот и за Бугарија. Со направен ПЦР тест, границата се поминува без проблем, но не и кај Ново село. Таму колона од македонски возила била вратена и патниците, меѓу кои имало и доста деца биле вратени назад кон Македонија. Патниците за Фактор сведочат дека по враќањето морале повторно да заминат кон Македонија па кон Деве Баир од каде отишле во Бугарија.

Изгубивме околу 4 часа, односно возевме плус уште толку. Не е ничија вина, туку наша, не сме биле информирани, но откако се вративме разбравме дека тоа не го знаат и многу други луѓе. Добро е да се знае затоа што тоа е секојдневие, односно секојдневно македонски државјани се принудени да се враќаат, вели соговорник.

Бугарија соопшти во февруари дека за влез во земјата ќе биде отворен Деве Баир-Ѓуешево, при што граѓаните кои поминуваат мора да приложат негативен ПЦР ковид тест. На останатите два гранични премина Делчево и Ново Село,може да поминуваат само возачи на тешки моторни возила кои ќе транзитираат, но и македонски студенти и ученици кои учат во Бугарија. За нив не се бара да приложат доказ дека се негативни на Ковид-19 , а студентите мора да потврдат дека студираат во Бугарија.

Од тогаш секојдневно некој е вратен од Ново село и Делчево.

Од 17 февруари, Бугарија направи промена во рестриктивните мерки за спречување на ширење на пандемијата од ковид-19, при што за влез во Бугарија на македонски државјани кои планираат да престојуваат краток или подолг период отворен е само граничниот премин Деве Баир-Ѓуешево, а на сите тие лица при влез им се бара поседување негативен ПЦР ковид тест, велат од МВР.

Апелираат граѓаните да внимаваат и да се информираат пред патувањето.

Извор: Фактор



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.