Времето ќе биде сончево и многу топло со умерена облачност. Според прогнозата на УХМР, утринската температура ќе се движи од 14 до 23 степени, а дневната од 30 до 41 степен.
Во Скопје и околината времето ќе биде сончево и многу топло со умерена облачност. Утринската температура ќе достигне до 20 степени, а дневната до 39 степени и УВ индекс 9.
Земјава и денеска ќе биде под влијание на топол бран со високи температури од портокалова фаза, поради што надлежните апелираат да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, да се ослободат од работните обврски најранливите групи, вклучувајќи ги бремените жени, како и лицата на возраст над 60 години, а децата од градинките да не се изнесуваат на отворено од 11 до 17 часот.
Од Министерството апелираат единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, од МЗ ги потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Министерството воедно потсетува на општите мерки за заштита до кои треба да се придржуваат граѓаните, особено во овие екстремно топли денови.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираше дека е можно топлата воздушна маса која носи прекугранична прашина да биде причина за благото зголемување на концентрациите на ПМ 10 честичките. Се претпоставува дека станува збор за пустински ветер кој може да продолжи и во наредните денови.
Според најавите Од УХМР, попладнево доаѓа мало освежување – изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.