Поради пониските температури кои се најавуваат за денеска на целата територија на државата, Министерството за здравство им препорачува на граѓаните да носат повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз и почеста консумација на топли напитоци.

Од Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството препорачуваат и избегнување алкохол, бидејќи го зголемува ризикот од хипотермија, како и редовно земање на пропишаната терапија кај хронично болните, а во случај на потешкотии со дишењето, се препорачува граѓаните веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

(фото: Град Скопје)

Исто така, се препорачува да се избегнува практикување физичка активност на отворено, а при движење особено да се внимава на лизгави површини.

-Комисијата при Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата низ целата држава и јавноста соодветно ќе биде информирана, се наведува во соопштението на Министерството.

Според Управата за хидрометеоролошки рабити се најавува жолта (алетрна фаза).

Времето ќе биде претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северозападен ветер.

Минималната температура ќе биде во интервал од -18 до -7, а максималната ќе достигне од -3 до 5 степени.

Во Скопје ќе сончево со мала до умерена облачност и со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -12, а максималната ќе достигне до 2 степени.

Од УХРМ информираат дека до сабота ќе се задржи стабилно време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини во претпладневните часови ќе има услови за појава на магла. Во сабота преку денот и во текот на ноќта кон недела времето ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд и снег во пониските и снег во повисоките места и на планините. Врнежите ќе бидат со послаб интензитет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.