Здружението за унапредување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар на нарушување „Сина Светулка“ – Скопје оваа година ја поддржува кампањата на Аутизам Европа која гласи „Нови динамики за аутизмот”.

Се проценува дека 7 милиони луѓе се во спектарот во Европската Унија. Повеќето од нив доживуваат дискриминација на различни полиња од животот. Со цел да одговориме на дневните предизвици со кои се соочуваат лицата со аутистичен спектар на нарушување се приклучуваме кон Европската кампања за 2019 година, заедно со 90 организации во 26 европски држави.
Ве охрабруваме да го направите „симболот за аутизам“ како поддршка да се промовира социјалната инклузија и прифаќање на различноста, велат од Здружението.

На 2 Април ќе ја подигнеме свесноста за аутизмот преку едукативно дружење во ресторанот „Амбрела“ со родителите на децата со аутизам на тема „Однесувањето на децата со аутизам”. Предавањето и дружењето е предвидено да трае од 18 до 21 часот. Исто така, родителите кои ќе дојдат ќе ја добијат книгата Аутизам – Да се биде професионален родител од проф. д-р Олга Богдашина која беше наша гостинка на 20ти Март и го одржа семинарот Истражување на сензорниот свет на аутизмот, соопштија од Сина светулка – Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.