Преспанско – пелагонискиот Владика Петар во телефонски разговор во Централниот дневник на 1ТВ одговори на неколку прашања во врска со денешното излагање кое предизвика бурни реакции во јавноста.
Во врска со вашата сугестија до младите, мислите дека тоа го прават од каприц или сепак за тоа има посериозни социо-економски проблеми?
Владиката Петар: Проблемите се многустрани, но конкретно проблемот е во тоа што денешнте млади понесени од западниот начин на живеење не живеат според потребите, туку желбите. А во тој случај нема ограничување на желбите и во таа смисла никогаш нема да бидат задоволни.
Дали сте разговарале со младите или дали МПЦ се обидела да изврши влијание врз младите во однос на обезбедување домови и работа?
Владиката Петар: Јасно е дека нашите млади што одат на запад се современи заробеници, тие таму работат и тие се таму граѓани од втора категорија, се додека не станат полноправни граѓани на таа земја.
Што е со оние на кои таков им е изборот и не сакаат да стапат во брак?
Владиката Петар: Јас сум должен како владика да ги кажувам ставовите на Црквата и во таа смисла знаеме дека здраво семејство е ако тоа се формира на време. Денешните т.н. пробни бракови до каде доведуваат и на крајот нема ништо од тоа. Истото се случува и при разводите. Јас не сакам да им судам кој е виновник, а кој не. Развод на брак следува само во исклучителен случај односно неверство.
Дали сметате дека жените имаат премногу права?
Владиката Петар: Не велам дека имаат премногу права, туку дека често пати, повеќето сакајќи да покажат дека се рамноправни ја запоставуваат својата улога како жена и мајка. Во смисла кога ќе треба улогата на жената да ја врши мажот. Мајчинството е една, татковството друга работа.
Дали имате иницијатива да им помогнете на млади брачни парови кои се сиромашни?
Владиката Петар: Секако дека тука црквата е вклучена и тоа го прави. Не е наша должност да го фаворизираме некој. Помагаме и ќе го правиме тоа понатаму, но не сакаме тоа јавно да биде, бидејќи би било фалење, а со тоа нема да биде примено како добро дело пред Бога.
Дали црквата ќе ги пријави парите кои ги заработува, да дава фискални, да плаќа даноци?
Владиката Петар: Треба да разбереме дека црквата треба да се раководи согласно зацртаните принципи како непрофитна организација во врска со тоа се знае од кои нешта е ослободена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.