Писмо од Голи Оток со многу емоции, извезено на внатрешната страна на манжетната од кошула со распаран конец од затворските панталони, по 72 години стигна во Музеј Кавадарци. Писмото го испратил политичкиот затвореник Боро Ангеловски-Ваташки. Тој всушност извезал тајна порака за својот двомесечен син Габер. Тајното писмо било везено во август 1949 година. Музејот го доби оригиналното извезено писмо на манжетната, од неговата ќерка, д-р Олга, која живее во Пула, Хрватска.
Татко ми Боро Ангеловски-Ваташки е роден во село Ваташа 1919 година, а починал 1954 година, од откажување на бубрезите, како последица од злоставувањето во затворот на Голи Оток, кадешто бил до мај 1952 година. Ви ја испраќам оригиналната манжетна со пораката бидејќи нејзиното место е во музејот во Кавадарци. Како дел од историјата на Република Македонија, во чиешто создавање учествуваа покрај моите чичковци Наќо Ангеловски и Димката Ангелов-Габерот, така и татко ми, Боро Ангеловски-Ваташки. Манжетната ја испраќам по почитуваниот колега доктор Перо Пењушков, стои во писмото кое неодамна исто така го испратила доктор Олга од Пула.
Доктор Пењушков, кој ја донесе манжетната, рече дека се уште постојат траги од крв на писмото.
„Сине мој. Расти Габер и не се срами од татко ти”, му напишал Боро со конец на својот штотуку роден син. Надевајќи се дека еден ден пораката ќе биде во рацете на синот, тој му објаснил дека е свесен оти згрешил кон КПЈ и својата фамилија.
– За едните станав херој, а за другите издајник. Јас сум обичен комунист и како таков погрешив. Но треба ли да лежам на земе гол и да не ме праќаат во болница – прашува Боро Ангеловски во везеното писмо. “Само желбата да видам тебе и Хриса и да ве загрлам сине, праи да живеам. Хвала ти Хрисе на скапиот дар. За Габерот. Ве сака Боро. Ц. Затвор, 21.8.1949”, пишува Ваташки на крајот од пораката која е упатена и до сопругата Христина, која живеела во Пула со ќерката Олга.
Според кажувањето на неговата ќерка, татко и кошулата му ја дал на пријателот и сограѓанин Вано Ралев, кој бил ослободен од Голи Оток и требало да се врати во Македонија.
Тие двајцата всушност си ги замениле затворските кошули, за да може Вано да ја пренесе пораката до најблиските на Боро. Според тоа што и го кажала мајка и, а и од она што го слушала од самиот Ралев кога била студентка, Вано не знаел дека манжетната била извезена и дека носи тајна порака.
– Можеби тоа е и среќна околност во тие виорни времиња, бидејќи тоа сознание за него би било кобно, знаејќи ги џелатите од Голи Оток. Кога Вано дошол во Скопје, ја дал кошулата на мајка ми. Таа зела да ја пере и видела дека се темнее манжетната. Ја распарала и ја прочитала пораката од татко ми, раскажува Олга.
Ваташки бил роден на 13 ноември 1919 година. Починал во 1954 година, кога му откажале бубрезите како последица на мачењето на Голи Оток. На злогласниот остров тој бил од мај 1949 до почетокот на 1952 година.
Боро бил еден од тројцата синови на илинденецот Ташо Ангелов. Сите тројца биле неприкосновени борци за Македонија. Според историчарот Петре Камчевски, на Голи Оток во тоа време, биле испратени дваесетина политички затвореници од Кавадаречко.
Директорката на Музејот, Весна Ѓорѓиева, кустос советник, се заблагодари за овој вреден подарок и рече дека тој во иднина ќе им раскажува на посетителите за историјата на едно време, на оригинален и емоционален начин
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.