Родителите често не прават разлика помеѓу дисциплинирање и казнување на децата. Додека, дисциплината подразбира подучување и охрабрување на детето кон размислување пред делување и градење самоконтрола, казната, од друга страна, која најчесто се подразбра како физичко казнување преку удирање, испраќа пораки кои водат до деструктивни заклучоци на детето за себе и за другите, вели во разговор за МИА Марија Стефанова, психолог, психотерапевт од Психолошко советувалиште Петар Пан, Скопје.

Истражувањето на Државниот завод за статистика во рамки на Глобалната програма за состојбата на децата и жените, од друга страна, покажува дека вкупно 73 проценти од децата на возраст од 1 до 14 години биле подложени на некој насилен метод на дисциплинирање, наспроти само 22 проценти кои биле дисциплинирани без насилство.

Родителите имаат впечаток дека физичката казна позитивно влијае и води кон коригирање на несаканото однесување, но, како што посочува Стефанова, тоа не е така.

Физичкото казнување значително влијае на односот помеѓу децата и родителите. Тој однос, во такви околности се заснова и одржува со страв. Најголемиот проблем настанува во адолесценција, кога физичката казна е веќе невозможна бидејќи адолесцентот почнува да се спротивставува на ист начин. Родителите имаат илузија дека физичката казна има за последица да го спречи моменталниот бес на детето, но во исто време таа претставува поткрепување на бесот и агресијата – појаснува Стефанова.

Според Стефанова, дисциплинирањето од страна на родителите бара размислување, планирање и трпение.

Дисциплината подразбира подучување, охрабрување кон позитивно однесување. На тој начин го водите детето кон учење и градење вистински став кон нештата кој подразбира размислување пред делување. Она што е најважно, ваквиот начин на позитивно насочување влијае на градење на самоконтролата кај детето. Тоа е најпосакуваната цел на дисциплинирањето – нагласува Стефанова.

Со физичкото казнување преку удирање или потчукнување на детето со цел да се контролира неговото однесување, според Стефанова, на детето му се испраќа порака дека „оние кои најмногу ме сакаат, можат да ми нанесуваат болка“, „тепањето на оние кои се послаби и помали од мене е прифатливо“, „во ред е да си насилен“ итн.

Родителите имаат впечаток дека физичката казна позитивно влијае и води кон коригирање на несаканото однесување, но тоа не е така. Како прво, му нанесува болка на детето или телесна повреда, а од друга страна предизвикува негативни чувства кои можат да се интернализираат (како тага и депресивност) или екстернализираат низ однесување (како пореметување во однесувањето, агресивност кон врсниците, деструктивност итн) со цел избегнување на непријатното доживување. Агресивноста, често може да биде насочена и кон родителите. Исто така, таа може да биде и модел за решавање на конфликти. Често, родителите парадоксално постапуваат кога со тепање, од детето бараат да не биде агресивно кон другите деца – вели Стефанова.

Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) на Државниот завод за статистика, спроведено во текот на 2018-2019 година, како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените, покажува дека околу 67 отсто од децата биле подложени на психолошка агресија.

Според податоците од истражувањето, момчињата почесто доживуваат насилно дисциплинирање од девојчињата, додека 4 проценти од мајките/старателите сметаат дека физичкото казнување е неопходно за правилно воспитување и образование на детето. Овој став е позастапен кај помладите мајки и старатели, како и кај оние од најсиромашниот квинтил.

Глобалната програма МИКС е развиена од страна на УНИЦЕФ во 90-тите години како меѓународна повеќенаменска програма за анкетирање на домаќинствата за поддршка на земјите во прибирањето на меѓународно споредливи податоци за широк спектар на индикатори за состојбата на децата и жените.

При дисциплинирањето на децата, според Стефанова, многу често се користи и психолошки притисок кој се манифестира преку исмевање, нарекување со погрдни зборови со кои се обезвреднува личноста на детето.

Ваквиот начин на казнување е во директна врска со градење на негативна слика за себе кое детето на мала возраст ја оформува. Градејќи негативни уверувања за себе кои влијаат цел живот на ставовите за себе, понатаму во животот ваквата индивидуа најверојатно ќе има проблем со ниска самодоверба – вели Стефанова.

За тоа дали има некаква поврзаност меѓу родителите кои се склони кон насилно дисциплинирање и нивното искуство од детството, Стефанова вели дека често и во пракса се потврдува таа претпоставка, дека оние индивидуи кои во детството биле физички казнувани од страна на родителите, истиот модел на воспитување го применуваат кога стануваат родители.

Но, истите тие родители, како и сите останати, заштитнички реагираат кон своите деца кога се удрени од некој друг. За нив е поприфатливо кога самите тие го прават истото, при тоа не сфаќајќи дека тоа за детето е многу полошо, бидејќи тие треба за сопственото дете да ја дадат сигурната база, треба да се за детето оние во кои има доверба и кои се тука да го заштитат, кои се модел на идентификација, а со своите постапки му даваат на детето порака дека насилството е во ред. Тие родители често знаат да изјават дека сопственото дете „го тепаат затоа што го сакаат“, „за негово добро“ или изјавуваат „И мене ме тепале па еве добра/добар сум“, или „еден ден ќе ми каже благодарам за ова“…. Сето ова упатува на заклучок дека овие родители не прават разлика помеѓу воспитување со ќотек и поставување на јасни граници – посочува Стефанова.

Според Стефанова, не постојат совршени родители, но на детето му требаат доволно добри родители кои водат сметка за потребите и чувствата и на детето, но и на сопствените чувства, при тоа можат да ги препознаат и сопствените пропусти и грешки.

Не постои родител кој на сопственото дете свесно му нанесува штета, но затоа на несвесно ниво, со непрепознавање на наследени модели на воспитување кои ги пренесуваат трансгенерациски, можат да му наштетат на своето дете. Навистина мислам дека секој родител на своето дете би сакал да му даде чувство на сигурност, љубов, да помогне во градењето на самодовербата и задоволството во себе. Затоа, мојата пракса е насочена кон работа со родителите и нивниот модел на воспитување, бидејќи не постои лошо дете, туку само однесување кое е несоодветно, а е реакција на воспитувањето на родителите – нагасува Стефанова, психолог, психотерапевт од Психолошко советувалиште Петар Пан, Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.