Ритамот на животот нѐ притиска, ништо не можеме да стигнеме, не се дружиме, а дури и не успеваме да ги анализираме луѓето, нивните склоности и навики. За тие драгоцени информации често бараме помош од астролог или нумеролог. Меѓутоа, постои поедноставен начин да дознаеме сѐ за некој човек. Доволно е да го прашаме за неговата крвна група.

За почеток да напоменеме: крвните групи се разликуваат по присуството или отсуството на т.н. сврзувачки фактор. Можно е тоа да е некако поврзано со способноста за коагулација, поточно: колку е повисок неговиот индекс, толку е послабо својството на згрутчување на крвта. Според основната класификација, постојат четири крвни групи: 0, А, Б и АБ.

Секако, и животот го коригира нечиј карактер, така што овде се зборува само за тенденциите во однесувањето на одредена личност.

Резиме на јапонски начин

Што и да мислат скептиците, теоријата за поврзаноста на карактерот и крвната група има научна потврда. Имено, многу истражувачи ја испитувале таа зависност на историски, психолошки, медицински, па дури и на мистичен план.

Денес водечки приврзаник на оваа теорија е доктор Тошитака Номи, чиј татко исто така многу години се занимавал со врската помеѓу крвната група и психичките карактеристики на човекот. Уште во 1980 година, Номи со Александар Бешер ја напиша книгата „Ти – тоа е твојата крвна група“, која веднаш стана бестселер.

Само во Јапонија се продадени шест милиони примероци! Не навлегувајќи во биохемиските карактеристики, авторот на едноставен јазик објаснил како да постапуваме со луѓето од различните крвни групи за да постигнеме успех, што треба да избегнуваме за да не се разболиме, но и со кого да се венчаме. Тука се дури наведени описи на страшни последици за оние што ќе ги занемаруваат неговите совети.

Можеме да веруваме или не на сензационалните изјави на авторот, но во Земјата на Изгрејсонцето „кецу-еки-гата“ е сериозен тест на компатибилноста. Менаџерите за човечки ресурси многу сериозно се поставуваат спрема анализата на крвната група при приемот на работниците на работа.

На железничките станици и во трговските центри и ресторани има апарати што ја одредуваат крвната група на основа на капка крв, и не само тоа, постои друштвото „АБ0“, со филијали во целата земја. Целта на оваа организација е да им помогне на поединците и на претпријатијата во прогнозата за ефикасноста на работата на одредена личност и за нејзината психичка компатибилност со колегите.

Наследство од предците

Јапонците сметаат дека секоја крвна група водела тешка и карактеристична борба за своето постоење. Без обѕир на тоа што таквиот пристап е преполн со догматски замки, постојат многу научни трудови во кои се следи врската помеѓу компатибилноста на крвните групи и бројот на браковите и разводите, успешноста во одредена работа, методите на зачувување на здравјето, особеностите на исхраната итн.

Многу современи научници – специјалисти во областа на хематологијата не се сомневаат во биолошката врска помеѓу крвната група и реакцијата на стрес. Низ еволуцијата се менувале дигестивниот тракт, имунитетот и ендокриниот систем, а бројот на крвните групи се зголемувал. Паралелно еволуирал и мозокот, со самото тоа и системите што се одговорни за умствените и емоционалните реакции.

Се појавиле различни психолошки типови и обрасци на однесување што се нераскинливо поврзани со крвната група. Тоа е како штафета што ни ја предале предците. Не е чудно што кај народот се вели „лоша крв“ немајќи го предвид духовниот, туку психичкиот аспект на нечија личност.

Официјално не постои научна дисциплина хематопсихологија, но податоците за кои се зборува овде не се видени во шолја од кафе или на гравчиња. Тие се резултат на илјадагодишни емпириски забележувања, кои на одреден начин се обединети и класифицирани.

0-група Најенергичните луѓе

Се смета дека припадниците на крвната група нулта се насочени на постигнување одреден резултат.

Оваа група предводи по бројот на своите претставници (до 45% од жителите на Земјата). Ако вашиот познаник зрачи со оптимизам, сака да ризикува и тешко пронаоѓа компромиси, веројатно има крвна група нулта.

На мажите им се допаѓа да бидат лидери, имаат самодоверба и се доста осетливи на критики на нивна сметка. Проблемот е во тоа што наведените карактеристики често раѓаат самољубје, што, секако, влијае на односите со луѓето.

Оној што за партнерка ќе избере жена со крвна група нулта треба да има предвид висока сексуалност. Запаметете, нивната девиза е „што е мое, не го давам на никого“, така што се можни изливи на љубомора.

А-група Способност за самоконтрола

Носителите на А-група (има приближно 35%) одлично се согласуваат во тим. Главно се скромни и друштвени луѓе, не им е туѓа пристојноста, како ни способноста за приспособување на опкружувањето.

Основна црта: способност да владеат со себе и да не противречат. Развиената интуиција им помага да најдат решение во сложени ситуации, а умот и воздржаноста ги прават успешни во животот. Меѓутоа, толку атрактивниот збир на лични квалитети понекогаш треба скапо да се плати.

Главен непријател на луѓето со оваа крвна група е акумулирањето на стресот. Обидувањето сѐ да се држи под контрола и „чувањето сѐ во себе“ доведуваат до пораст на анксиозноста. Како резултат на тоа може да настапи момент кога преовладуваат емоциите, што генерално и не е лошо.

Полошо е доколку вештината да се изборите со себе го турка човекот во психосоматско заболување од типот „каде што е најтенко, таму се кине“. Така што девиза на оваа група е „научете да ја намалите напнатоста“!

За мажите со оваа крвна група често се својствени срамежливост и романтичен пристап во љубовните односи. Оние што ја ценат верноста кај жените, нека бараат припаднички од А-група.

Б-група Искрени и деловни

Носители на крвната група Б има само 14%. За разлика од претходните групи и претставници што го акумулираат стресот, Б-типот е многу пофлексибилен и умее да се спаси од негативните емоции. Луѓето со оваа крвна група знаат да ги комбинираат искреноста и деловноста, што не е секогаш едноставно, дури понекогаш е и противречно.

Не сакаат да зависат од никого и постојано се трудат да менуваат нешто во својот живот. Тие бараат партнери блиски по духот. Ако не најдат таков, жените со оваа крвна група често имаат проблеми во бракот.

За жал, основна слаба точка на претставниците од Б-група им е што многу длабоко ги допира неправдата што се однесува лично на нив. Доколку меѓу вашите подредени имате луѓе со оваа крвна група, знајте дека со викање и понижување нема да постигнете ништо добро.

АБ-група Најретка на планетата

И на крајот, АБ-групата е најретка на планетата. Се среќава само кај седум проценти луѓе.

Тие во комуникацијата се доста меки и секогаш се подготвени да го сослушаат и да го разберат соговорникот. Меѓутоа, се стекнува впечаток дека со никого не сакаат да ги расипуваат односите. Во тоа всушност е и нивната внатрешна противречност. Кога ќе се сретнат со човек што е за нив непријатен, тие сѐ решаваат без конфликт, дипломатски, што води кон внатрешни конфликти. Ако земеме во обѕир дека имунолошкиот систем на претставниците на оваа група не е силен, меѓу нив има многу невротичари.

Нивен основен проблем е неодлучноста. Носителите на оваа група често се уметници, но нивниот манир да се трошат („досадно е да се занимаваш само со едно нешто“) претставува пречка во постигнувањето сериозен успех во некоја област.

Умот и кротката нарав на овие мажи ги привлекуваат жените, но треба да се има предвид дека длабочината на чувствата не им е најсилната црта на овие луѓе. Што се однесува на дамите, претставничките на групата АБ кај спротивниот пол многу ги ценат посветеноста и вниманието.

Сега, кога знаете сѐ за врската помеѓу крвната група и карактерот, треба само да го „примените“ своето знаење на роднините и на пријателите и да ги согледате од поинаков агол…


Извор: Убавина и здравје


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.