Југот на Индија е „раздрман“ од насилни протести откако три жени се спротиставија на вековна забрана за влез на жени во хиндуистички храм. Тоа е еден од низата храмови во Индија каде е забранет влез „за жени во менструално доба“. Табуа поврзани со менструацијата може да се најдат во целиот свет, а ова се 10 највпечатливи.

НЕМОЈТЕ ДА СЕ МОЛИТЕ
Жени се исклучени од верски места и обреди за време на менструација во многу делови од Азија, меѓу кои Индија и будистичката заедница во Јапонија и во Кина. На муслиманки во светот им е забранет влез во џамија или учество во молитви за време на менструација. Минатата година на ученици во Гана им беше забрането да преминат преку река додека имале менструација. Забраната ја одредил Богот на реката.

ПРОГОН ОД ДОМА
Во делови од Индонезија, Индија, Непал и некои нигериски племиња, девојки и жени се исфрлаат од дома за време на месечниот циклус и често мора да спијат во штали. Во Непал во изминатите години неколку жени загубија живот најчесто поради вдишување чад откако се обиделе да запалат оган за да се загреат.

НЕ ГОТВЕТЕ
Во Индија постои верување дека краставици ќе се расипат ако ги допре жена додека има менструација или ќе се расипе мајонезот и павлаката. Некои веруваат дека тестото за леб допрено од жена во циклус, нема да се подигне.

НЕМА КАПЕЊЕ
Од Индија и Израел до неколку европски и јужноамерикански држави на жените им се зборува да не се капат или мијат коса за време на циклусот бидејќи ќе се разболат или нема да може да раѓаат.

БЕЗ УРЕДУВАЊЕ
На жени често им се советува да не ја кратат или бојат косата за време на менструација. Или да не се депилираат бидејќи влакната побрзо ќе им пораснат.Некои добиваат совети да не сечат или лакираат нокти.

ПОДАЛЕКУ ОД РАСТЕНИЈА
Некои култури забрануваат жени во мензис да допираат растенија, цвеќиња или да одат низ посеви бидејќи може да ги овенат. Во Индија не смее жена да полева билки кои се сметаат за свети како босилекот.

ПОДАЛЕКУ И ОД ЖИВОТНИ
Некои култури веруваат дека животни како кучето или коњот ќе бидат вознемирени од допир на жена во циклус. Во Индија и Непал жени во таква состојба на смеат да допрат крава. Во Уганда им се забранува да пијат млеко од крава поради верување дека со тоа може да заразат цело крдо.

ПОДАЛЕКУ ОД МАЖИ
Во многу конзевативни држави не се дозволува да имаат жени во циклус каков било допир со мажи. Ортодоксниот јудаизам забранува на жени контакт со мажи за време на месечниот циклус и на крајот мора да извршат капање наречено „миквах“. Во делови од Полска и Руанда се верува дека полов однос со жена која има мензис може да убие.

НЕМА ВЕЖБАЊЕ
Вежбање или спорт според некои верувања може да биде штетно за менструалниот циклус на жената и нејзиното тело. Кинеската пливачка Фу Јуанхуи во 2016 година откри дека на напревар на ОИ во Рио имала мензис и со тоа разби големо табу и предизвика општа расправа во Кина.

НЕ КОРИСТЕТЕ ТАМПОНИ
На девојки често им се укажува дека користење тампон може да биде несоодветно и да ги посрамоти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.