Десетина километри од Бошков Мост до Гари води асфалтен пат, оној за кичевски Извор преку Јама, се до клучката каде мора да свртите десно и со погледот ќе почнете да го барате едно од најубавите села во Западна Македонија, во пазувите на Стогово, во подножјето каде со векови живееле и опстојувале Мијаците. А токму за овие племиња, кои од памтивек ги населувале овие простори и науката вели дека се чистокрвни Македонци, потомци на Александар и Филип. За добронамерниците, за сите оние кои и во суровата зима ќе решат да дојдат и да го посетат ова село на Стогово, кое од пред десетина години пулсира и живее во модерното време развивајќи го селскиот туризам, вратите се секогаш ширум отворени.

Ако сте тргнале на пат за да донесете мир, спокојство и блаженство во душата, појдете во Гари, за многумина едно од најубавите мијачки села на Стогово. Не дека помалку привлечни се и Селце, Росоки, Тресонче, Лазарополе во пазувите на Бистра, потоа Ехловец, Могорче и другите села од левата и од десната страна на Мала Река, во која се мешаат водите на Терсонечка и Гарска Река пред да се влеат во Радика.

За да тргнете на патувањето од кое ќе се вратите пресреќни и преполни со енергија не треба многу. Од патот по реканските села, веднаш штом ќе стасате до Бошков Мост, свртете налево. По патот за Кичево преку Јама, само стотина метри откако ќе го промените курсот, на брегот од левата страна на Мала Река, погледот ќе ви го запре преубава градба – Елен Скок, мост на кој уште од турско му се восхитува народот. Градба која ги поврзува селата на Стогово и Бистра, а за чие настанување постојат многу легенди.

Една од нив раскажува за турскиот паша кој тргнал на лов по елени. Сакајќи да улови еден од посилните и поубавите, пашата го ранил еленот, а ова прекрасно диво животно оставено во безизлез, меѓу пушките на пашините ловџии и карпите, собрал сила и го направил невозможното – ја прескокнал Мала Река и се спасил на планината Бистра. Пашата трогнат од храброста на еленот и неговата волја за живот и слобода, наредил во негова чест на местото каде еленот го направил велелепниот скок, да се изгради мост.

Бесконечната тишина и спокојството кое плени, ги нарушува само бучавата на Мала Река. Убавина од која не се бега. Десетина километри од Бошков Мост до Гари води асфалтен пат, оној за кичевски Извор преку Јама, се до клучката каде мора да свртите десно и со погледот ќе почнете да го барате едно од најубавите села во Западна Македонија, во пазувите на Стогово, во подножјето каде со векови живееле и опстојувале Мијаците. А токму за овие племиња, кои од памтивек ги населувале овие простори и науката вели дека се чистокрвни Македонци, потомци на Александар и Филип.

Предците не оставиле многу податоци за потеклото и настанувањето на селото. Неколкуте преданија говорат дека во 14 век во месноста Присој за прв пат се населиле жителите на сегашно Гари. Таму бргу се топел снегот, сонцето силно печело и од таму лесно можеле да комуницираат со Мијаците од другите племиња. Во турско, лоцирано на патот Дебар – Кичево, Гари често било на удар на башибозуците, а на оваа локација имало и малку вода за пиење. Затоа, гарчани ја напуштиле оваа локација и се населиле во месноста Дрениче.

За тоа како Гари е распослано на сегашната локација има неколку преданија. Едното говори дека иконата на свети Спас неколку пати одлетувала од некогашната црква и долетувала на местото каде сега се наоѓа селото и каде во 1857 година била изградена сегашната црква посветена на Пресвета Богородица. За жителите во тоа време, летањето на иконата било знак каде треба да се преселат. Некои и ден-денес, пренесувајќи го преданието се убедени дека умен човек од тоа време направил добра процена дека тогашната местополжба на Гари не е добра за живеење и дека тој неколку вечери по ред ја носел иконата на местото каде сега се наоѓа селото, се со цел да ги убеди селаните дека и Господ сака таму да живеат. И не згрешил.

Свиено во пазувите на планината Стогово како орлово гнездо, векови наназад Гари му пркоси на времето.

И за името на селото говорат легендите. Зошто само тие и до ден-денешен се пренесуваат од дедо на татко, од татко на син. И новите електронски генерации веруваат во нив, не дека со еден клик во универзумот не умеат да најдат факти, туку само затоа што од најмали остануваат верни на аманетот оставен од нивните предци да не го заборават селото, потеклото, корените.

Целата репортажа на Вечер.пресс



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.