Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“, која има голем број бази на Балканот, очекува ограничувањата за патувања и забраните за влез во голем број држави да влијаат на нејзината работа во наредните пет месеци.
Како што пренесува порталот „exyuaviation.com“, поради ограничувањата за патување наметнати на балканските државјани од други европски држави, „Визер ќе биде принуден привремено да суспендира летови до неколку дестинации од Скопје, Белград, Тузла, Охрид, Приштина и Подгорица.
Во претстојниот период од пет месеци ќе има многу неизвесности и индустријата ќе мора да научи како да биде флексибилна во прилагодувањето кон новите мрежни рути и прилагодувањето на капацитетот – вели извршниот директор на „Визер“, Јозеф Варади.
Тој истакнува дека неговата авиокомпанија веќе почнала со стратегија за ублажување на ефектите од пандемијата. Варади ги наведува проширувањето на флотата „Ербас А321“ во Белград, воспоставувањето на прва руска база во Санкт Петербург заедно со рестартирање на базата во Киев, лансирањето на 14 нови рути меѓу Украина и Италија, продолжувањето на летовите од пазарите како што се Унгарија и Македонија, како и потфатот кон Блискиот Исток.
Во наредниот период, „Визер“ планира да лансира девет нови рути од Белград, да ја воведе својата прва услуга за Хрватска и да почне со нови летови за Црна Гора.
Имаме кастрење на капацитетите на постојните пазари, но истовремено создадовме и нова мрежа на рути и оперативни бази, така што отвораме шест или седум нови бази исто како што рековме – вели Варади.
Авиокомпанијата сега лета со 77 отсто во однос на нивото во 2019 година. Превозникот истакна дека дури и со коона вирусот, се очекува да го зголеми својот капацитет за приближно девет проценти оваа година.
Најлошата состојба за нас е кога не работиме. Во моментот кога работиме, работиме само врз основа на паричен придонес. Треба да ги водите вашите деловни активности на долг рок и ликвидноста и готовината се клучни компоненти на вашиот деловен модел. Сите знаеме дека кај летањето на кратки дестинации преовладува најниска цена, а сега ние сме со најниска цена, така што мислам дека нашата конкурентна позиција штотуку се подобри – вели Варди коментирајќи ја стратегијата на „Визер“, која многу се разликува од нејзините конкуренти за време на актуелната криза.
Варди додава дека пред десет години кога последната економска криза го погоди светот, едноставно не биле доволно силни и не биле доволно големи за да ја искористат ситуацијата. Сега вели дека имаат финансиски капацитет да обезбедат корист и да бидат еден од победниците во оваа ситуација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.