Околу 30 споменици во Скопје и во земјава се опфатени со туристичката тура „Монументал МК – споменици и бруталистичка архитектура“ со цел да им се понуди на туристите една автентична тура и да се поттикне локалниот економски развој.
Спомениците од турата се наоѓаат во близина на автопатот А1 што ги прави идеално попатно место за пауза, а предноста е и во тоа што се наоѓаат на отворено со што се подостапни за разгледување во актуелниве услови на пандемија.
Дел од спомениците опфатени со турата се Македониумот во Крушево, кој е еден од 10-те најуникатни градби во светот, македонската Герника во Велес, како и голем дел од бруталистичката архитектура во главниот град.
Доколку актуелните околности не се случеа, сакавме да ги привлечеме странските туристи кои во голем обем поминуваат низ земјава како транзитни туристи. Но, се случи тоа што се случи. Сега се обидуваме да ги популаризираме локациите и затоа подготвивме пет водичи на македонски, албански, германски, англиски и српско-хрватски јазик, како и мобилна апликација која е бесплатно достапна и сувенири за турата – вели Мишо Докмановиќ, претседател на Управниот одбор на Институтот за стратешки истражувања и едукација, кој всушност го реализира проектот.
Турата е фокусирана на оние споменици кои се сочувани и подготвени за туристи, бидејќи, како што вели Домановиќ, не може да ги однесете туристите на место каде што нема елементарни услови за посета.
Во следниот период оваа автентична тура ќе им биде понудена на туристичките агенции и на Стопанската комора за туризам со цел да се промовира.
Ги тестиравме локациите и забележавме дека луѓето не ги ни познаваат овие, би ги нарекол скапоцени камени на македонската архитектура од пред 40, 50 години. Излегува дека луѓето од странство повеќе ги познаваат од нас. Тоа беше уште еден предзвик што сакавме да го решиме преку оваа наша иницијатива – истакнува Докмановиќ.
Проектот е финансиран од грант на Проектот за развој и промоција на туризмот на Регионалниот совет за соработка и Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.