Во хрватска Далмација има една клетва – „Да даде Бог да ти се допадне Шолта!“ И, тоа е поврзано со „заканите“ што мајките некогаш им ги упатувале на своите ќерки дека, наводно, оние девојки кои ќе се омажеле за човек од островот Шолта биле „осудени“ на тешка физичка работа. Состојбата сега е сосем поинаква – ова островче на Јадранот денес е синоним за мир обвиткан со мирис на море, тишина и убаво зеленило.
Пловењето со траект од Сплит до Рогаж – главното пристаниште на Шолта, трае вкупно 60 минути. Веќе преку тоа патување се дознава зошто сѐ повеќе странски граѓани се доселуваат на островот, купуваат земјиште и градат куќи таму.
По пристигнувањето на Рогаж, таму има два автобуса – едниот оди на исток, а другиот на запад. На островот лете, препорачливо е да се посети еден од заливите – Шешула, Поганица, Заглав, Татиња, Јoрја… Или пак, месноста Маслиница – ако сакате да избегате од гужва, врева и недостаток на слободен простор на плажите.
Но, ако некој го посети островот наесен, зиме или напролет, што туристите ретко го прават, се препорачуваат Грохоте и Рогаж, бидејќи така ќе бидете поблиску до месното население, и до отворените кафулиња, ресторани и пазари.
Според жителите на островот, има едно предание за илирската кралица Теута… Се вели дека таа вечерала во дворците изградени над заливот Сењска – на јужната страна на островот. Затоа, Шолта уште се нарекува и „Островот на Теута“. А пак, луѓето од Шолта се викаат и „Чувитари“, по птицата „мал чук“ (Otus scops) – која им ја продавале на сплиќани за да лови глувци и стаорци што пренесувале чума во минатото. Римскиот цар Диоклецијан пак, имал свое езерце на островот. А, и таткото на хрватската книжевност – Марко Марулиќ, како и поетот од Хвар – Петар Хекторовиќ, дел од својот живот минале таму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.