Со двеминутно промотивно видео, Република С.  Македонија е претставена како врвна дестинација за активен туризам во престижниот туристички информатор Lonely Planet. Видеото, кое беше премиерно објавено оваа недела, е дел од посебната секција наречена „Daydreaming during Covid” преку која се инспирира милионската публика од цел свет да посети различни дестинации, вклучително и нашата земја.

Видеото е подготвено од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во соработка со Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка. Со него, земјава прв пат се појавува со самостојна објава на престижниот Lonely Planet. До сега, неколку пати сме биле дел од неговите едиторијали и топ-листи заедно со други дестинации од регионот и пошироко.

Нашата земја во промотивното видео открива активности во недопрена природа, каде луѓето можат да бидат заедно, а сепак на безбедна дистанца, високо во планините или длабоко под водата, искусувајќи го адреналинот и храната, ветрот при едрење или брзината при кајакарење, не изоставајќи ја можноста при тоа да се посетат историските знаменитости, лозови насади, неоткриените села…со една и единствена порака: Најди ја сопствената авантура! #alliNMacedonia, наведува АППТ.

Видеото претставува сиже од 10-те промотивни видеа кои АППТ и ИМЕ ги подготвија во рамки на кампањата „Дома си е дома“ и каде се претставени 10 туристички дестинации со конкретни активности и производи како дел од активниот туризам (планинарење, велосипедизам, спортско качување, параглајдинг итн.), во комбинација со културни искуства, рурални предели и гастрономија.

Пред неколку месеци, Македонија се најде и на нивната топ листата на 10 најдобри дестинации за посета во 2020: https://www.lonelyplanet.com/video/top-10-countries-to-visit-in-2020/v/vid/1177?tag=bit2020.

Lonely Planet пишува: „Република Македонија е реномирана гастро дестинација и со отпочнување на нови авионски рути, нуди бројни причини за да се истражи. Очекувајте “WOW” вредни локации за пешачење низ драматични врвови и недопрени природни чуда.“

Овие активности се дел од заедничките напори на АППТ и програмата ИМЕ за поддршка и промоција на туризмот во РС Македонија и претставување на земјата како врвна дестинација за активен туризам пред домашните и странските гости. Очекувањата за наредната 2021ва година е активниот туризам да биде во фокусот на домашните и странските туристи, што ултимативно ќе помогне за развој на малите бизниси и креирање на нови работни места, помагајќи и на туристичката индустрија да постигне повисок степен на самоодржливост, стои во соопштението од Агенцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.