Пандемијата, тензиите во односите со Турција, мигрантското прашање, прва жена претседател на државата, туризмот во „новата нормалност“, осудените членови на Златна зора за формирање криминална организација, беа главните теми што ја одбележаа 2020 година во Грција.
Грција преку два карантини стигна до вакцината и веќе десет месеци е во „војна со невидливиот непријател“, паралелно во одредени периоди од минатата година требаше да управува и со тензиите во односите со Турција, но и со ситуацијата со мигрантите на островите, особено по целосно изгорениот камп Мориа, како и да изнајде начин да ја спаси туристичката сезона, без притоа да го стави во опасност здравјето на туристите, но и локалното население.
Со враќањето во „новата нормалност“, во текот на мај, по завршувањето на првиот карантин и како поминуваа деновите и се приближуваше летото, така се интензивираше и дискусијата во Грција за отворањето на туризмот и начинот на кој би работеле хотелите во време на пандемија.
Ставот на грчката влада беше дека летото нема воопшто да биде исто со ланското, дека во никој случај нема да биде на нивото од 2019 година, кога 33 милиони туристи ја посетија земјата, а профитот достигна до 18,2 милијарди евра и токму затоа пораките во пресрет на сезоната беа дека не треба да се прави споредба бидејќи земјата почнува од нула.
Грција помина едно од најлошите, ако не и најлошо лето во однос на туризмот. Со оглед на тоа дека од 1 јули се отвори за туристите, а од март беше во карантин и загуби голем дел од посетителите кои доаѓаат пред летниот период, јави дописничката на МИА од Атина.
Туризмот беше отворен само од одредени земји, а процените се дека загубата е нешто помалку од 80 отсто во споредба со 2019 година.
Првичните процени беа дека оваа година, профитот би можел да биде меѓу три и пол и пет милијарди евра, а министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, минатиот месец рече дека надминал четири милијарди евра.
На почетокот на мај, претседателот на Грчката федерација на хотелиери Григорис Тасиос во разговор со дописничката на МИА од Атина истакна дека потребни се здравствени критериуми и протоколи за работа, а идентични беа ставовите и на официјалните лица.
Пораките што пристигнуваа од грчката Влада беа дека потребно е да се заштити здравјето како на туристите, така и на вработените во туризмот и локалното население.
На 20 мај беше презентиран планот на грчката влада „Restart tourism“ за претстојната сезона и најавено дека туризмот постепено ќе се отвори на 15 јуни и 1 јули 2020 година и тоа без задолжителен тест и без карантин за посетителите.
Паралелно, беа објавени и здравствените протоколи за работа на хотелите и туристичките објекти, за туристичките автобуси, за превозот, транспортот и сл, како и за управување со евентуален позитивен случај на Ковид-19.
На крајот на мај Министерството за туризам на Грција ја соопшти листата со 29-те држави од Европа и светот кои од 15 јуни ќе може да патуваат во Грција, а на листата беше и Македонија.
Следеше презентација на официјалниот спот „The Greek Summer -State Of Mind“ од кампањата за промоција на туризмот, а премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис истакна дека заштитата на јавното здравје, безбедноста на посетителите, но и безбедноста на вработените во туризмот остануваат прв приоритет за кој не се преговара, додека пак надлежниот министер за туризам Харис Теохарис порача дека го поставуваат „здравјето над сè“.
Додека пак грчкиот премиер, преку прес конференција наменета исклучиво за странските дописници во Грција, на 13 јуни, од островот Санторини, симболично го означи стартот на туристичката сезона.
-Не ме интересира Грција да биде број еден дестинација во Европа, ме интересира Грција да биде најбезбедна дестинација во Европа, порача грчкиот премиер и објасни дека земјата е подготвена за сите сценарија, во случај да се појави Ковид-19 кај некој од посетителите.
За „рестартот“ на грчкиот туризам, говореше и надлежниот министер, исто така од Санторини и рече дека „на милиони туристи им го враќаат правото за грчко лето“ и ја истакна важноста на заштитата на здравјето на туристите и вработените во туризмот.
На 15 јуни започна првата фаза од отворањето на грчкиот туризам, но само за посетители од одредени земји и само кон атинскиот и солунскиот аеродром, додека пак во втората фаза, на 1 јули беа укинати сите забрани и рестрикции и отворени сите аеродроми во Грција.
За сите туристи беше воведено задолжително пополнување на формулар (Passenger Locator Form -PLF) со податоци за нивните контакти во Грција, нешто што се уште е во сила за пристигнувањата во земјата.
Паралелно беше воведено и тестирање по случаен избор, кое подоцна стана и задолжително за посетителите од одредени земји, но и за сите оние кои преку границата со Бугарија влегуваат во Грција.
Зголемениот број случаи што во земјата беа регистрирани од средината на август, според грчката Влада, не се должат на туристите и туризмот.
Според официјалните податоци од Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција од почетокот на туристичката сезона, односно од 1 јули до 1 ноември 2020 година, во земјата пристигнале 5.151.757 лица, од кои речиси четири и пол милион пристигнувања се авионски.
На посетителите им биле направени 725.386 тестови и потврдени 2.427 позитивни случаи на Ковид-19.
Најголемиот број од нив, 356 биле од Франција, 341 од Албанија, 174 од Бугарија, 173 од Велика Британија и 117 од Полска.
-Туризмот е навикнат да биде виновен за многу работи во изминатите години, а тоа се случи и сега. Сегашната состојба не може да се поврзе со летниот туризам. Податоците на Националната организација за јавно здравје се очигледен доказ, рече претседателот на Конфедерацијата на туристички бизниси на Грција, Јанис Рецос на почетокот на декември.
Туризмот во земјата беше на удар и од вториот бран на пандемијата и карантинот што започна од 7 ноември 2020 година, со оглед на тоа дека ски центрите се затворени, а граѓаните, со забраната за патување од еден во друг регион, не се во можност да посетат некоја од зимските дестинации.
Вниманието во Грција сега е насочено кон новата сезона, во обид оваа година, туризмот да се врати во некои „понормални рамки“.
Надлежниот министер Харис Теохарис во интервјуто за информативниот портал „Капитал“ минатата седмица рече дека 2021 година ќе биде преодна година, подобра од претходната, но нема да значи и дека туризмот целосно ќе се врати во нормала.
Во однос на дискусијата околу вакцината и колку таа би била задолжителна за патувањата, Теохарис објаснува дека нема логика да се забрани патување на оној кој не е вакциниран, меѓутоа ограничувањата ќе бидат помали за вакцинираните.
За конкретното прашање и дали Грција би вовела задолжителна „потврда за вакцинација“ за влез во земјата, дописничката на МИА од Атина, минатиот месец побара одговор од тогашниот портпарол на грчката Влада Стелиос Пецас на редовниот брифинг со новинарите, кој објасни дека иако постојат такви дискусии во како во Грција, така и во странство, тоа е „нешто за кое ќе разговараме во продолжение“ и истакна дека засега тие се фокусирани на убедувањето на населението да се вакцинира.
Границите со Македонија и Албанија затворени речиси десет месеци
И покрај тоа што на објавената листа од Министерството за туризам на Грција, Македонија беше меѓу земјите што ќе добијат зелено светло, и покрај првичната најава дека на 15 јуни ќе се отворат копнените граници, што подоцна беше пролонгирана за две седмици, сепак, јужниот сосед остана затворен за македонските туристите.
Дури и министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис од островот Санторини, од каде што грчката Влада го најави стартот на сезоната, во разговор со дописничката на МИА од Атина, рече дека ако сѐ биде во ред, од 1 јули ќе се отворат и границите со нашата земја, сепак тоа не се случи.
-Сакаме полека, внимателно да ги отвориме нашите граници, почнавме со Бугарија, бидејќи лекарите ни рекоа дека тоа е најбезбедно во овој момент. Во напорите што ги правиме, секогаш, дури и кога ќе отвориме, докторите ќе нѐ советуваат што да правиме. Здравјето е број еден за нас. Ако нема промени, нашата цел е од 1 јули да ги отвориме и останатите наши копнени граници, објасни тогаш за МИА министерот за туризам на Грција.
На 1 јули 2020 година, по три и пол месеци, Грција отвори седум гранични премини на копнените граници со Македонија, Албанија, Бугарија, Турција, меѓу кои и Евзони (Богородица), меѓутоа тоа не значеше и влез за Македонци, бидејќи, како што тогаш објаснија од грчката Влада, ги чекаа одлуките од Европската Унија за државјани на трети земји.
Па така, откако ЕУ ја соопшти листата, а Македонија не беше вклучена, Грција остана затворена за македонските туристи.
Одлуката континуирано се продолжуваше, а последната беше објавена на средината од минатиот месец и е во сила до задутре, а со оглед на тоа дека Грција е во карантин, голема е веројатноста повторно да биде продолжена.
Одлуката е за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.