„Продукциски вредности – туризмот низ објектив“ е насловот на јавната онлајн-трибина што ќе се одржи денеска во 13 часот. Како релативно нова дисциплина во туризмот, т.н екран-туризам останува неистражен и неексплоатиран во Македонија и регионот. Главниот град и неговите природни околини имаат практично неограничен, неотклучен потенцијал за развој на овој тип на туризам. Истово, уште повеќе, важи и кога се зборува за други локации низ земјата, а особено за природни убавини и воодушевувачки екстериери насекаде низ Македонија.
Зошто сум била во пустината Вади Рум во Јордан? – За да го видам Марс на Земјата и да се потсетам на редица филмови кои таму се снимиле. • Зошто сум возела милји до Сокоро во Ново Мексико? – За да ги видам џиновските телескопи каде што е снимен филмот “Контакт”. • Зошто сум била на Атласот во Мароко и низ заборавените села во таа магична земја? – За да ги доживеам “во живо” локациите од омилениот ми “Чај во Сахара”. Битола е филмска дестинација од времето кога Решад дојде на Железничката и Манаки го сними, па до редица звучни филмови и серии кои тука се снимале. Љубената Штавица е мојот рај. Моќниот Трескавец е мојот реален сон. Она осаменото дрво од моќната сцена на “Пред дождот”, со еден драг лик сум го барала со часови низ делови на Пелагонија, во Прилепското Поле… тотално непознат предел за мене само за да го фотографирам. Кога сум одела по светот за да гледам филмски локации, зошто светот да не доаѓа и кај нас? Филмскиот туризам како посебна форма на културниот туризам има неверојатни потенцијали. Потенцијалот не е само во тоа што филмските екипи живеат извесно време во еден град, преку нив можеме да развиваме дестинации, туристички дестинации кои преку цела година можат да бидат атрактивни за туристи, вели Љубица Ангелкова, една од говорниците на денешната конференција.
Главната цел на овој проект е да покаже дека Скопје и Македонија имаат практично неограничени капацитети за развој на туризмот и неговото разгранување во специфичен подвид – екран-туризам.
На 10 и 12 ноември ќе се одржат уште две трибини, каде сите засегнати страни и општествени чинители ќе учествуваат во разговори на темата, ќе испитуваат успешни примери од непосредниот регион, а ќе се обидат да дадат одговори и на многу прашања од истоимената област.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.