Со ревиските претставувања на дизајнери од земјата и регионот, како еколошки освестениот проект на студентите од Технолошко-металуршкиот факултет, заврши пролетното издание на Моден викенд Скопје кое се одвиваше во зградата на Европскиот унивезитет.

На последниот ден први во ревискиот дел се претставија студентите од ТМФ. Во соработка со текстилниот кластер и под менторство на професорката Лидија Георгиева, тие работеа на проект „рециклирање“ кој се занимава со проблематиката на сочувување на животната средина. Оттука потекнува инспирацијата за оваа ревија наречена „Реинкарнација“.

Многубројната публика ги поздрави и креациите на босанскиот талентиран дизајнер Марко Фехер, кој прикажа единствен спој на на традицијата и футуризмот, односно уличната и високата мода. Колекцијата „KOZARA ETHNO FUSION“.

Она што везот бил во минатото, сега е принтот. Колоритот е ограничен – црната, белата и црвената се испреплетуваат и вo машката и во женската колекција, додека нагласените рамена, предименизинираните парчиња, по малку футуристичките здолништа и интересните јакни на копчање ѝ даваат на целата приказна ултра модерна нота.

Српскиот дизајнер Милан Зејак, пак, во колекцијата за есен-зима 2019 година, го развива интересoт за правоаголните форми и како тие може да ги сменат заоблените кроеви во класичните елементи на шиењето. Резултот се волуменозни, драпирани и повремено лелеави современи парчиња, со реминисценција на традиционалната јапонска облека, како и западната „флапер“ ера во 20-тите години на минатиот век.

Честа да го затвори настанот ѝ припадна на македонската дизајнерка Сара Реџиќ. Колекцијата „PURE LOVE“ е за сезоната пролет-лето и содржи дваесет и пет изгледи. Сите креации се изработени од природни материјали, а наменети се за секоја девојка и жена што ги сака веселите бои и шаренилото. Колекцијата е надополнета и со мини колекција на рачно изработени чевли во соработка со Катерина Микрут, пријателка и колешка на дизајнерката.

Скопје во изминатите три дена беше домаќин на шоурумот „Обединета Мода“, собирајќи дваесет и осум интернационални дизајнери и брендови од седумнаесет земји на едно место. Имаше успешни презентации во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, како и изложбата на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22.

ФОТОГРАФИИ: AD Photography



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.