Со импресивна ревија на македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева, заврши 20. јубилејно издание на најголемото домашно модно случување, Моден викенд Скопје кое изминатите три дена се одржуваше во Музејот на град Скопје, приклучувајќи се кон прославата на 70. роденден од постооењето на Музејот.
Дека на македонската мода ѝ претстои светла перспектива, први на третиот ден од Моден Викенд Скопје докажаа студентите од Академијата за Моден Дизајн во склоп на „Џолев и уметностите” и „Сеавус Едукативен и Развоен центар”, преку групна ревија во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.
Идеологијата која ги врзува „Attitude “на Елена Маџирова, „Back to the roots ” на Ангела Доневска, „Memory of a town “ на Мирјана Јосифоска, „Vanity ” на Ана Марија Атанасовска и „Рефлексија“ на Марија Стојановска е општествената одговорност.
Наталија Терзија премиерно ја промовираше линијата за sport-glam облека „Terziya movement“, проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам. Колекцијата се состои од петнаесет безвременски изгледи, кои се создадени за непрекинато движење, како есенција на животот.
Како претпоследна учесничка на настанот, имагинацијата за есен-зима 19/20 пред публиката ја прикажа Сара Реџиќ. „Romantic fall“ е името на колекцијата со која во нејзин препознатлив стил, дизајнерката сака да ја разубави претстојната сезона. На модната писта излезе со дваесет и пет креации изработени од безвременски материјали, давајќи им повторна шанса да светнат во полн блесок и сиот раскош што го носат во себе. Бидејќи е голема вљубеничка во рачната изработка, ниту овојпат не изостанаа карактеристичните рачно изработени детали.
Со колекцијата „E!Motion“ на „Go by Olgica Gjorgieva“ официјално заврши програмскиот дел на јубилејното издание. Испратена со аплаузи и овации, македонската дизајнерка предизвика вистинска бура од емоции со парчињата облека, акцентирајќи дека да се сакаш себеси е една од најмоќните и највистинските емоции во животот.
*Автор на фотографии: AD Photography
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.