Пролетното издание на Моден викенд Скопје ќе се одржи од 29 до 31 март годинава во поранешната печатница на НИП „Нова Македонија“. На 19 издание ќе се претстават 22 интернационални учесници кои премиерно ќе ги изложат новите колекции за есен-зима 2019/2020 пред домашната и странската публика.

На пролетното издание на Моден викенд Скопје ќе учестуваат гости од Белгија, Германија, Португалија, Франција, Романија, Латвија, Естонија, Грција, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

Како дел од интернационалното здружение што го реализира проектот „Обединета мода“ („United Fashion“), организаторите на 19-тото издание на Моден Викенд Скопје, годинава ќе им посакаат добредојде на дваесет и девет талентирани и перспективни имиња од европската дизајнерска сцена, кои заедно ќе ги споделат креативните визии за сезоната есен-зима 2019/2020.

Списокот на брендови чиишто креации ќе може да се погледнат и купат на шоурумот во поранешната печатница на НИП „Нова Македонија“ го сочинуваат: Andra Handaric (Романија), Arthropoda (Македонија), Chic Utility (Романија), Concepto (Романија), Cristina Real (Португалија), Diana Arno (Естонија), Dragana Mihajlovic (Србија), Ece Özalp (Турција), Evgenija Zafirovska (Словенија), Faulhaber Products (Германија), Hanfaz (Франција), Kokoro (Црна Гора), Ksenija Kotev (Македонија), Lila Style House (Бугарија), Lommer (Грција), Marija Kulusic (Хрватска), Marko Feher (Босна и Херцеговина), Mateyaneira (Хрватска), MLS – Marie Laurence Stevigny (Белгија), n.d.c. made by hand (Белгија), Oh Suzy! (Франција), One Wolf (Латвија), Red Juliet (Белгија), Rosica Mrsik (Македонија), Senem Unal (Турција), Tanja Christiani (Германија), The Mannequin Collection (Грција), Toos Franken (Белгија) и Vesa Gruda (Косово).

Главната цел на проектот „United Fashion SEE Showroom“ во Скопје е промоција на модните дизајнери од Југоисточна Европа (ЈИЕ) пред интернационалните купувачи и претставниците на медиумите, како и поврзување на дизајнерите од Европската унија со македонските фабрики. За таа намена, активностите ќе вклучат претставување на ЈИЕ пазарот од страна на професионалците во индустријата, презентации од селектирани локални производители, посета на фабрики и состаноци помеѓу дизајнерите учесници и локалните производители.

Во насока на унапредување на претприемничката креативност, иновативноста и бизнис можностите на европските дизајнери и растечки брендови, предвидена е и дводневна работилница  преку која учесниците ќе ги подобрат своите вештини за донесување на паметни одлуки во согласност со побарувањата на современата модна индустрија, како и правење вистински баланс меѓу креативноста и комерцијалните аспекти при создавањето колекција.

„Обединета мода“ ја доби поддршката од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

Автори на фотографиите:

Mateyaneira, фотографија: Studio Katran
Marko Feher, фотографија: Edvin Kalic
Faulhaber Products, фотографија: Elena Breuer
Utility, фотографија: Emil Costrut
Cristina Real, фотографија: Luis Sustelo

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.