Познатата модна дизајнерка Евгенија Зафировска ја претстави новата колекција која содржи над триесет уникатни креации под етикетата на брендот „EZ“, кои се наменети како за домашниот и странскиот пазар.

„Меllow“ е симболичниот назив на новата колекција чиишто текстури и волумени навидум еволуираат низ визуелни контексти без ограничувања и хоризонти. Триесетината модни парчиња се повеќенаменски, изработени во целост од природни материјали и со кроеви што ѝ ласкаат на формата на телото.

Во понудата на дизајнерката која живее и создава на релација Скопје-Љубљана, одново доминираат минимализмот и геометриските форми, како нејзин препознатлив стилски печат. Асиметричните креации се подеднакво нежни и впечатливи, со мека палета на тонови во која преовладува белата боја.

Инспирација ми беше новата (не)реалност, кадешто ни се чини како времето да е во мирување. На површината сме решителни и смели, а во длабочината ранливи и кревки. „Mellow“ претставува моја идејна колекција за сегашноста, а воедно е и интимен осврт кон иднината, согледаани низ модна призма. Имав за цел да го одразам влијанието на околината, особено кога е нашата гардероба во прашање, вели Зафировска.

Филозофијата на брендот „ЕZ“ е инвестирање во одржлива мода, преку изработката на парчиња облека кои немаат сезонски рок на траење, односно можат да се носат со години, во секакви пригоди и различни временски доба. Високиот квалитет, издржливоста на материјалите и безвременскиот дизајн се атрибути и на новата колекција „Меllow“.

За презентација на креациите на македонскиот пазар и во странство, дизајнерката подготви наменски каталог за сите модели. Уметнички директор на промотивната кампања е Милан Атанасов. Фотографиите се дело на креативното дуо Ангела Стојковска и Софи Лазовска од Frozen Time Drops, а во улога на заштитно лице се појавува манекенката Ана Ежова.

Колекцијата „Меllow“ од денес е достапна online на официјалната веб страница и социјалните мрежи на Зафировска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.