Во саботата, на 10 Октомври се затвори Љубљанската модна недела со доделување на наградите за најдобрите презентации и колекции меѓу кои ја додели наградата „WOW Show“ на македонската модна етикета Лудус.

Љубљанската модна недела се оддржа од 1 до 10 октомври и овој пат во посебни услови диктирани од пандемијата 10-те дена беа полни со дигитални, ревијални и инсталациски презентации на модните дизајнери од Словенија и регионот.

„Лудус“ беше поканет да учествува во делот на модните филмови на дизајнерите кои поради пандемијата беа спречени да бидат присутни на овогодишното издание. Промоцијата се случи на 5 и 6 октомври во МАО – Музејот за архитектура и дизајн на Словенија.

„Лудус“ ја претстави последната колекција „Реквием: Пост-родовост III“ со видео каталог изработен од видеографот Мирослав Илиќ, со моделите Ивана Манасиевска (Моделс Ин) и Стефан Китановиќ и шминка и фризура на Мартина Ивановска.

Колекцијата е трет дел од низата колекции насловени како „Пост-родовост“ и ја застапува темата на родова еднаквост и футуристичката визија за елиминирање на родовите и родовите улоги, а овој пат е истовремено и обид на авторот Драган Христов за омаж на западната цивилизација и култура и говори за нејзината деклинација во нашите „анти-интелектуални“ времиња. Присутни се очигледни визуелни референци од античките и класицистичките историски костими што се адаптирани во современ производ без трендовски ознаки.

Како најнов чекор на етикетата кон одржливост и етичко производство, а истовремено диктирано од најновите производствени динамики во време на пандемијата, „Лудус„ вклучи рачно обоени материјали на целосно природен начин со ботанички состојки како калинка и рогач. На овој начин се достигнува органскиот ефект и неутралната палета на бои кон што „Лудус„ крајно цели .

Колекцијата „Реквием: Пост-родовост III“ е составена од 16 родово неутрални комбинации на 23 парчиња облека изработени во неутрална палета на бои што вклучува црна, бела и сива боја, овој пат надополнета со сиви природни тонови, добиени со рачно боење на бели материјали како памук, памучно жерсе, лен и купро.

„Лудус“ е застапен на странскиот пазар преку продажбата од сопствениот сајт ludus.com.mk, неколку интернет продавници во Европа, Англија и САД, како и концептуалната продавница „Пентља“ во Љубљана, долгогодишен застапник на колекциите на „Лудус“ каде може да се најде и оваа колекција.

Фотографии: Лазар Зафировски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.