„Иднината на модата е одржлива“ беше мотото на семинарот кој го организираше Фондацијата „Onasis Stegi“ во Атина во соработка со Британскиот совет, а на кој учестуваа македонската дизајнерка Ирина Тошева и Света Богоева Јованска, основач и продуцент на Моден викенд Скопје.
На дводневна програма во културниот центар „Onassis Stegi“ во Атина присустувале интернационални гости, имало плодни дебати и работилници кои ја истражувале врската помеѓу рачните изработки и одржливата мода. Премостувањето на културите и взаемното учење, претставуваа клучна компонента на програмата „Иднината на модата е одржлива”, информираа од Моден викенд Скопје.
Преку поврзување на експерти од Обединетото Кралство и други земји, a со цел да се пренесат знаењата и споделат искуствата на темата, е овозможено на културите да се обединат, а иноваторите да научат едни од други, велат од Моден викенд Скопје.
Првиот ден се одржала конференција која на едно место собра еминентни предавачи и етаблирани имиња од грчката дизајнерска сцена. Публиката имала можност да добие увид во предизвиците на модерното време, влијанието на брзата мода врз секојдневниот живот и предложените решенија од професионалците во индустријата.
Акцентот во текот на вториот ден бил ставен на практична обука на учесниците. Се одржале низа работилници кои ги опфатиле областите како етика на снабдувачки синџири, рециклажа и циркуларна модна економија.
Со фокус на рачните изработки како двигател за иновациите, дводневната програма завршила со забавата „DiscoMAKE“. Сите учесниците требале да донесат облека што повеќе не ја користат, па со помош на млади дизајнери да ги преработат парчињата, продолжувајќи им го животниот век, а со тоа и придонесувајќи кон одржливоста, се вели во соопштението на Моден викенд Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.