Четвртата годишна изложба на модни креации во организација на интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ од Скопје ќе се одржи в петок, во 19 часот, во изложбениот простор на „Даутпашиниот амам“. На изложбата, која оваа година ќе се одржи под насловот „Ла парисиен“, ќе бидат претставени триесетина модни креации, дизајнирани и изработени од студентите по моделизам и стилизам од оваа школа, a под менторство на Изет Цури од Париз и на предавачите Лазе Трипков, Доминик Брунет, Елена Вангеловска и Никола Ефтимов. Исто така ќе бидат изложени и креации од дизајнерски имиња што минале едукацијата на оваа школа.
На најважниот настан во годината на студентите ќе им бидат доделени сертификати за годишно постигнување и успех додека, пак, еден од најголемите соработници Францускиот институт во Скопје ќе додели три награди за најдобрите во категориите: концепт на колекција, моделизам и стилизам.
Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ од почетокот на своето постоење се фокусира на градење професионални кадри, кои ќе бидат оспособени да работат во модната индустрија по стандардите на високата мода, притоа подигнувајќи ги самите стандарди во модата во Македонија и регионот. Благодарение на остварените врски со модни куќи во странство, избрани студенти на оваа модна школа од Скопје имаат можност дел од своето студирање да го поминат во странство, како стажанти во модна куќа, велат оттаму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.