Шоурум со ексклузивни парчиња од дваесет и осум претставници на седумнаесет различни земји, гостување со изложба на наградувана платформа за концептуален дизајн, како и ревиски претставувања на колекциите од млади и етаблирани имиња во земјата и регионот, се дел од богатата програма што посетителите на најголемиот моден настан во метрополата ќе ја проследат од 29 до 31 март во зградата на Европски универзитет (ЕУРМ).

Со свеченото отварање на шоурумот „United Fashion SEE“ во 18 часот, наредниот петок (29.03) ќе започне 19. издание на Моден Викенд Скопје.

Освен од Македонија, своите колекции за сезоната есен-зима 2019/2020, ќе ги изложат претставници на Белгија, Германија, Португалија, Франција, Романија, Латвија, Естонија, Грција, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово, а потоа истите ќе ги презентираат и со моден перформанс во зградата на Европски универзитет.

На пролетното издание ќе гостува „ИВАН АСЕН 22“, платформата за концептуален дизајн од Софија, по презентациите во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија.

Со нови колекции ќе се претстават како млади и перспективни имиња, така и етаблирани ѕвезди од државата и регионот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.