24. издание на Моден викенд Скопје ќе се одржи викендов, на 2 и 3 октомври на кој 30 креативци ќе ги изложат своите дела за време на иницијативниот проект NoWasteMK. Преку шоурум, изложба, експериментална колекција и разговори на тркалезна маса, NoWasteMK ќе истражува и дискутира на теми за одржливост, ќе сподели знаење и ќе ги поттикне потребните промени кон поодржливо опшество и индустрија.
Експеримент со биоразградливи хулахопки, обоени со еко боја од кора од грозје, колекција накит создадена од е-отпад и избор на брендови кои ја отелотворуваат разновидноста на македонското одговорно творештво.
На ова есенско издание на Моден викенд Скопје ќе се претстави работата на дизајнерите кои ги менуваат правилата на игра во модниот бизнис Стефанија Насеска, Евгенија Зафировска, Хана Зека – Fight or Flight brand, Four Twenty Two, KTN, Son of Salome, Мирјана Јосифоска, Роберт Ивановски, Luna Aditeya, Leap Concept и работата на студентите од Академијата за моден дизајн „Џолев и уметностите“.
#NoWasteMК е фузија од физички и виртуелни активности, реализирани со грант од Circular Design Assembly, доделен од British Council со фасилитација од Ellen MacArthur Foundation.
Новите колекции ќе бидат претставени на 2 и 3 октомври преку пренос во живо на социјалните медиуми на Fashion Weekend Skopje, со премиерно прикажување на кратки модни филмови и фотографии. Шоурум со ексклузивни парчиња на истите, како и изложба на накит ACHTUNG BAUSTELLE! изработен со електронски отпад од уметницата Маја Стојковска, се само дел од богатата програма што посетителите ќе ја проследат од 2 до 3 октомври во зградата на Железничката станица во Битола, во клубот Јагода.
На првата тркалезна маса и онлајн дискусија “Circular Fashion and Textiles”, модератор од Текстилна Трговска Асоцијација – Кластер за Текстил заедно со панелисти и учесници ќе дискутираат за проектот Design4Circle и циркуларна економија – Локален контекст, предизвици и можности.
Дискусија на тема “Product design for the environment” на тркалезна маса ќе биде предводена од модната дизајнерка Ирина Тошева и врвни професионалци од креативната индустрија кои ќе презентираат успешни примери за системот на циркуларната економија во земјата и ќе ги елаборираат предизвиците и можностите за нејзиниот развој.
За време на онлајн разговорот „End of Life” со советничката за одржлив развој Шарлот Вандиерендонк и модната дизајнерка во подем Т*МИТРОВСКА, ќе разговараме за создавање нов живот преку редизајнирање и рециклирање.
На 3 октомври во Штип ќе биде прикажан проектот „Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип”. На овој настан ќе имаме разговор со д-р Игор Јорданов, професор на Технолошко-металуршкиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – координатор на проектот и м-р Златко Самарџиев, национален координатор на ГЕФ ПМГ во Македонија под модераторство на м-р Дијана Насева, Универзитет Гоце Делчев од Штип, асистент на проектот.
Во вториот дел студентите на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип под менторство на доц. д-р Сања Ристески ќе имаат моден перформанс со моделите добиени од активностите од проектот. За реализација на проектот е употребен отпад од текстилната индустрија како суровина за производство на перници и јоргани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.