Откако започна пандемијата на вирусот корона и масовната изолација на населението луѓето изнаоѓаат најразлични начини да се справат со ситуацијата и да го задржат не само здравјето туку и здравиот ум.

Одеднаш на социјалните мрежи почнаа да се појавуваат постови од фотографии на домашно зготвени јадења, луѓе кои претходно не влегувале во кујна освен по чаша вода или утринско смути. Психолозите објаснија каква е позадината на позитивниот ефект на готвењето.

Кога луѓето се чувствуваат анксиозно, бараат нешто што би можеле да направат, да си го оттргнат вниманието од проблемите.

Докторката Мари Касил, клинички психолог кој работи со луѓето кои имаат стрес предизвикан од катастрофи, вели дека токму готвењето поттикнува кај луѓето креативност, додека мирисите го подобруваат расположението.

Таа смета дека готвењето толку добро го канализира стресот од причина што има некоја одредена рутина која смирува.

Многу психолози веруваат дека тоа е еден од најдобрите начини за борба против анксиозноста и депресијата. Кога месите, готвите, вие размислувате само за тоа: за мерите, за начинот на кој нешто ќе направите, така што од друга страна сте ослободени од останатите проблеми.

Другата причина зошто е добро готвењето е тоа што на крајот пред себе го имате резултатот од својот труд. Многумина кои работат во администрација, пред компјутер итн, немаат чувство дека создале нешто. Вака гледаат како нешто на кое работеле се создава пред нивните очи. Тоа е задоволство што не може да биде заменето со ништо друго.

Задржувањето во кујната повеќе од вообичаено во овие кризни моменти ви помага и да научите нешто за себе и, секако, да научите некој кулинарски трик повеќе кој може да ви се најде во животот повеќе отколку што некогаш сте мислеле.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.