В сабота, 19 јуни, со почеток во 10 часот, на зелената тераса во Центарот за иновации „Јавна соба“ ќе биде отворен пазарот на органски производи.

ПАЗАР.орг (.орг е за органски), ќе се одржува три саботи по ред.

На пазарот ќе бидат понудени свежи органски домати, пиперки, краставици, рукола, органски јаболков оцет, маџун и кашкавал.

Ќе може да дегустирате превкусна храна и органско вино од мали семејни винарии за кои никогаш не сте ни чуле, а сето тоа да биде зачинето со добра музика, пријатна атмосфера и мини игротека за деца, велат организаторите.

Јавна соба во соработка со Добра земја – задруга, која ги претставува органските производители во Македонија и Бакалница.мк, компанија која застапува производители на месни, млечни производи, реши сите овие вкусови од Македонија да ги доближи до пошироката јавноста со цел да се разбие стигмата дека органското е скапо, неубаво на изглед и тешко достапно, кај нас.

Напротив, производителите на свежи и преработени органски производи во изминатите години прогресираа рапидно благодарение на повисоката свест кај сѐ поголемиот број свесни луѓе кои разбраа дека конвенционалната храна содржи во себе огромен број на пестициди.

„Добра земја“ е прва задруга на потрошувачи на органска храна која се залага за здрава животна средина, зачувување на биодиверзитетот, едукација и продажба на органска храна.

Во нашата работа е инкорпориран уникатен социјално одговорен модел на членство, кој директно го подржува развојот на локалното органско производство и одржливиот начин на одгледување на храна кој не ги загадува почвите, водата и воздухот. Нашиот концепт „Храна со лице“ значи дека остваруваме директен контакт со секој производител и на тој начин го намалуваме ланецот на чинители во процесот на дистрибуција на храната.
Покрај постоечката продавница во Скопје, задоволство е да го најавиме и отворањето на интернет продавница, shop.dobrazemja.mk. Станува збор за прва е-продавница за локални исклучиво органски производи од врвен квалитет, секогаш свежи и сезонски, доставени до вашиот дом. На shop.dobrazemja.mk ќе најдете свежо и сезонско зеленчук и овошје и преработени органски производи од домашни производители, велат од „Добра земја“.

Креирањето на е-продавницата е помогнато од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, додека со поддршка на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост, „Добра Земја“ го зголеми капацитетот за складирање и обезбеди подобар пласман и зголемена промоција на органските производи во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.