Доколку сте одлучиле Новата година да ја дочекате во удобноста на вашиот дом, сигурно ќе ви се допаднат овие предлози за вашата новогодишна трпеза.
1. Кифлички со сирење
Потребни состојки:
- 1 килограм брашно
- Масло
- 500 милилитри млеко
- 3 јајца
- 1 и пол коцка квасец
- Сирење
Начин на подготовка:
- За филот измешајте 200 грама сирење со 1 јајце. Додајте сол по вкус.
- Во малку топло млеко ставете квасец, сол и шеќер. Промешајте за брзо да се растопи квасецот. По 5 минути почнете да го подготвувате тестото.
- Во сад ставете брашно, направете дупка во средината, ставете ги 3-те јајца, па полека налевајте млеко и почнете со мешање. Можете да почнете со лажица, а кога ќе се соедини смесата продолжете со рака. Направете меко тесто и оставете го да порасне.
- Поделете го тестото на 6 делови. Од секој дел направете 8 кифлички. Филувајте ја секоја со сирење и наредете ги на подмачкана тава. Оставете ги стојат 1 и пол час.
- Пред печењето, на секоја кифличка ставете парче маргарин, премачкајте ги со жолчка и ставете малку сусам.
- Ставете ги да се печат во рерна загреана на 200 степени. По неколку минути намалете ја температурата на 180 степени.
2. Салата мимоза
Потребни состојки:
- 4 средни компири
- 400-500 грама моркови
- 6-7 кисели краставички
- 6 јајца
- 1 главица виолетов кромид
- 200 грама кашкавал
- 300 грама салама по избор
- 300 грама мајонез
- 100 грама кисела павлака
- 1 лажичка сол
- Бибер
- Свеж магдонос
Начин на подготовка:
- Сварете го компирот, а морковите излупете ги и сварете ги одделно. Сварете ги и јајцата и оставете ги да се изладат со зеленчукот.
- Измешајте ги мајонезот и павлаката и додајте сол и бибер.
- Изрендајте ги сите состојки (освен лукот). Одделете ги белките од жолчките.
- На дното ставете го исечканиот магдонос, изрендајте компир и ставете тенок слој од намазот.
- Потоа ставете морков, намаз, салама, намаз, кашкавал, намаз, лук, намаз, рендана белка, намаз, кисели краставички, намаз, и на крај додајте ја ренданата жолчка. Украсете по желба.
3. Полнети ролнички со сланина
Потребни состојки:
- 1 пар пилешки гради
- 200-250 грама сува сланина
- 100-150 грама кулен
- 150 грама фета сирење
- Зачин, сол и бибер
- Лук
- Кари
Начин на подготовка:
- Исечете го месото на тенки шницли, додајте зачини, сол, бибер и кари и добро измешајте.
- Издробете го сирењето, додајте го издробениот бел лук и исечканиот кулен и добро измешајте.
- Ставете едно парче сланина, а врз него парче месо. На месото ставете од филот со сирење. Завиткајте го заедно со сланината и направете ролничка.
- Наредете ги ролничките во сад со фолија. Можете да додадете и компир да се пече како прилог.
- Печете 40 минути во рерна загреана на 200 степени.
4. Салата со зелка и кисело млеко
Потребни состојки:
- 2 помали зелки
- 1 кромид
- 1 лажичка шеќер
- 1/2 лажичка сол
- Бибер
- 120 милилитри млеко
- 4 лажици мајонез
- 230 милилитри матеница
- 1 лажица оцет
- Малку лимонов сок
- 1 морков
Начин на подготовка:
- Исечкајте ја зелката и измешајте ја со кромидот и изренданиот морков.
- Во друга чинија ставете шеќер, сол, бибер, млеко, мајонез, оцет и матеница. Мешајте додека не се соединат состојките.
- Измешајте го преливот со зелката и оставете да отстои околу 1 час.
4. Куглоф со малини и чоколадо
Потребни состојки:
- 5 јајца
- 250 грама шеќер
- 250 грама маргарин
- 100 грама чоколадо
- 200 милилитри јогурт
- 1 ванилин шеќер
- 350 грама брашно
- 300 грама малини (или вишни)
Начин на подготовка:
- За преливот растопете 100 грама чоколадо со една лажица масло.
- Растопете 100 грама чоколадо, калапот премачкајте го со масло и брашно и загрејте ја рерната на 180 степени.
- Изматете ги маргаринот, шеќерот и ванилиниот шеќер, додајте ги јајцата, јогуртот и брашното.
- Во калапот ставете поголем дел од тестото, додајте ги малините, па додајте уште малку од смесата.
- Во остатокот смеса измешајте го растопеното чоколадо и ставете го во садот. Со нож прободете низ тестото.
- Печете околу еден час, па оставете го да се излади. Извадете го колачот од калапот и прелијте го со растопено чоколадо.
извор: кафепауза.ком
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.