„Проблемите што нè гушат ќе нè натераат да сфатиме дека за одредена акција да биде преземена за нивно решавање потребни се професионалци во таа област.“

Тие проблеми се аерозагадувањето, узурпацијата на зеленилото, малите хидроцентрали, голем број на други предизвици со коишто се соочува животната средина, а за чие зачувување потребни се експерти кои преку науката ќе ги дадат вистинските решенија.

Сторијата Зелена иднина без „зелен“ кадар, во продукција на Види Вака, се фокусира на недостатокот на студенти за насоката екологија на Институтот за биологија на Природно математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје што на долг рок ќе се одрази на шансите за вистинска заштита на природата.

Причината за поразително малата бројка на студенти е недоволната информираност. Доколку видиме дека имаме повеќе студенти на постдипломски студии по екологија отколку на додипломски можеме да кажеме дека едноставно постои фундаментално незнаење и погрешно насочување на студентите почнувајќи уште од основното, па понатаму и во средното образование“, вели Марија Тренчева, магистер по екологија и демонстратор на ПМФ.

Оваа академска 2021/22 година запишани се осум студенти на оваа насока што е најголема бројка во последниве години. Минатите две години, 2020/2021 и 2019/2020 се запишале само по двајца студенти.

„Многу луѓе не се запознаени со проспектите за вработување коишто ги имаат младите еколози кај нас. Од еколошки консалтинг, спроведување на студии за влијание врз животната средина, еколошки организации, понатаму министерства, заштитени подрачја, истражување, образование итн… има огромен број на опции за вработување, меѓутоа во моментов се соочуваме во сериозен недостиг на кадар на еколози во Македонија“, вели Даниела Јовановска, асистентка на ПМФ.

Автор на сторијата Зелена иднина без „зелен“ кадар е новинарката Марија Севриева, а продуценти се Мите Кузевски и Горан Игиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.