На првиот пролетен ден во новиот простор на Школата за уметност и дизајн “Џолев и уметностите” во рамките на објектот „Јавна соба“ се одржа отворен ден под слоганот „Пролет и уметностите“, со цел претставување на 15-тата сезона едукативни програми во вид на курсеви, работилници и академии.

Во неформален амбиент присутните имаа можност преку панел-дискусија да се запознаат со менторите и наставните програми што ќе започнат од 30 март, за сите генерации кои сакаат професионално или рекреативно да се занимаваат со уметностите и дизајнот.

На отворениот ден, Школата за дизајн и уметност „Џолев и Уметностите” ги објавија стипендистите од распишаниот конкурс „Образованието е повеќе од просек 5.0“, за средношколци од цела Македонија, кои изминатата учебна година ја завршиле со просек под 3.9, со цел за подигање на моралот и самодовербата кај оваа група ученици.

Од вкупно пристигнатите 83 апликации, „Џолев и уметностите„ ги објави петте целосни стипендисти за една од нивните програми: Благица Трајкоска од средното училиште „Здравко Цветковски“ од Скопје, Сибела Личина од средното училиште „Панче Караѓозов“ од Скопје, Ева Велковска ученик во средното училиште „Марија Кири-Склодовска“ од Скопје, Војкан Михајлоски од гимназијата СОУ „Гостивар“ и Сара Секулоска од гимназијата „Мирко Милески“ од Кичево.

Образовниот систем има тешкотии да ги препознае талентираните ученици. Како школа која организира програми од областа на дизајнот и уметностите, имаме одговорност да се обидеме да придонесеме кон препознавање на овие млади момци и девојки. Искуството од оваа кампања изминатите години ни го потврди ова, запознавме прекрасни, талентирани средношколци, кои поради послабиот генерален просек не биле во можност да бидат пофалени или охрабрени за квалитетите што ги носат во себе. Денес, тие се студенти на генерација на факултети од уметноста, дизајнот и креативните индустрии, вели Дејан Џолев, уметнички координатор на „Џолев и уметностите”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.